Скопје целосно покриено со здравствена дежурна служба

 

Граѓаните на Скопје отсега ќе можат да добијат здравствени услуги и за време на викендите во дежурната служба на поликлиниката „Идадија“.

Дежурните тимови во оваа поликлиника ќе работат секоја сабота од 7:30 до 19:30 часот, како и во недела и за време на државни празници. Со ова во сите   поликлиники на подрачјето на град Скопје ќе има континуирана здравствена заштита за сите осигуреници.

Освен во Здравствениот дом Скопје и во уште шест здравствени установи во помалите градови, во останатите 23 здравствени домови низ државата не е организирана дежурна служба.  

- Преку следењето на издадени рецепти од страна на дежурните аптеки констатирано е дека само седум здравствени домови во државата ги почитуваат договорите и обврските на Фондот. Покрај Здравствениот дом во Скопје и уште шест здравствени домови, останатите 23 здравствени домови најверојатно немаат организирано дежурна служба бидејќи добивме голем број поплаки од осигурениците, изјави директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова.

Таа најави контроли во овие здравствени домови со цел да се види како се распоредени капацитетите за да во координација со матичните лекари се направат обиди да профункционира дежурната служба и во овие градови.

- Во здравствените домови во Скопје, Велес, Кратово, Радовиш, Македонски Брод и Виница функционира дежурната служба и тие го оправдуваат постоењето на дежурните аптеки бидејќи гледаме постојано издавање на лекови на рецепт. Сите останати како оние во Битола, Охрид, Тетово, Куманово и Струмица не се покриени осигурениците со дежурна служба и здравствена заштита за време на викенд, посочи Парнарџиева-Змејкова.

Надлежните велат дека идејата за функционирање на здравствените домови заедно со матичните лекари е со цел населението да биде 24-часовно покриено од аспект на здравствената заштита.

Во дежурните служби на Здравствениот дом Скопје досега се извршени 153 интервенции и 60 прегледи на возрасни пациенти и шест интервенции и 69 прегледи на деца.  

- Бенефитот за граѓаните е тоа што каде и да се наоѓаат на територијата на град Скопје во сабота можат да добијат услуга од матичните доктори бидејќи се користат печати на установата и може да се подигнат лекови на рецепт, истакна директорката на Здравствениот дом Скопје, Татјана Баевска-Вуќковиќ. 

03.06.2014 - 16:12
Фото: 
Канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега