Меѓународна работилница за ризиците од користењето на „cloud computing“ и личните податоци

Дирекцијата за заштита на личните податоци со поддршка од инструментот за предпристапна помош на Европската комисија, TAIEX,  организира работилница чија цел е размена на добрите практики во однос на ризиците кои произлегуваат од користењето на cloud computing и начините за надминување на овие ризици.

Исто така беа презентирани и најдобрите примери на правното регулирање на односот помеѓу обезбедувачите на cloud computing сервисите и нивните клиенти, а од аспект на заштита на личните податоци кои се пренесуваат.

Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеорѓиевски истакна дека „cloud computing“ или „пресметување во облак” е главна ИКТ тема во последните неколку години.

- Денеска секој е поврзан на интернет и голема е веројатноста дека на некој начин работи во „облакот“. Преку ажурирање на вашиот профил на Фејсбук, користење апликација за онлајн канцеларија или качувањето датотеки на онлајн сервис за складирање се начините на користење на „облак“. „Cloud computing“ е значаен фактор за современите бизниси, бидејќи со користење на услуги во „облак“ може драстично да се намалат трошоците на работење. Значењето на cloud computing само ќе се зголеми во иднина, изјави Ѓеорѓиевски.

Експертите од надзорните органи за заштита на личните податоци од Словенија, Данска, Шпанија и Велика Британија ги споделија своите искуства по однос на актуелните прашања, како и за поставувањето на техничките и организациските мерки за заштита на личните податоци. Работната група 29 даде свој осврт за мислењата и насоките за cloud computing.  

-За состојбата во нашата земја, податоците со кои располага Дирекцијата велат дека e важно да се потенцира во моментот дека во пракса постојат одредени состојби или појави кои се уште не се перципираат како „Cloud computing“, а кај кои де факто е важно прашањето за заштита од злоупотреба на лични податоци, вели Ѓеоргиевски.

Во подем е, потенцира тој, нов вид на онлајн услуги на бизнис секторот – продажба на интернет, иако пракса на купување на интернет постои поодамна.

- Од перспектива на заштитата на лични податоци е важно. Според податоците на интернационалниот картичен систем, во 2011 година во Македонија се направени 77.000 трансакции во електронска трговија, додека за 2013 година се очекува таа бројка да биде 265.000 трансакции. Од 2007 година се регистрирани 300 компании во Македонија кои продаваат стоки и услуги на интернет. За успешна реализација на онлајн парични трансакции во реално време кои понекогаш може да бидат покренати истовремено од повеќе корисници кон еден добавувач, а за кои е потребна брза проверка на податоци за да се комплетира трансакцијата во крајна линија значи ангажирање на обемен ИТ потенцијал. Во таква ситуација решението е „cloud computing“, информира Ѓеорѓиевски.

Оттука, додава тој, потребно е да се посвети внимание на овој тренд и да се има на ум дека е важна заштитата на приватноста и движењето на податоците во околина која не се третира дека по правило е ослободена од ризици за злоупотреба на личните податоци.

29.05.2014 - 15:48
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега