И Карпош ќе помогне во справувањето со поплавите во Србија

 

Општина Карпош, која е збратимена со три општини од Република Србија(Сремски Карловци, Нови Београд и Врњачка Бања), се придружува на владиниот конвој за помош за справување со поплавите што деновиве ја зафатија оваа соседна балканска земја.

- Со согласност на сите советнички групи од Советот на Општина Карпош, одлучивме да испратиме една екипа од 15 членови, обучени за спасување на вода, со два чамци за спасување, од кои едниот моторен, но и со комплетна опрема за спасување, пумпи за испумпување вода, појаси за спасување итн. И екипата и целата спасувачка опрема ѝ се ставаат на располагање на Владата на Република Македонија, односно тие ќе бидат дел од конвојот на Владата кој ќе се упати кон подрачјата на Република Србија кои настрадаа од поплави – рече градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, и изрази надеж дека екипата од Општина Карпош ќе даде свој придонес во спасување на населението на поплавените области во соседната земја.

Јакимовски, исто така, соопшти дека, според последните информации, состојбата во српската област Обреновац е особено критична, имајќи предвид дека надојдената река Сава веќе пробила еден од бедемите на крајбрежјето и се заканува да се излее од своето корито.

- Се надевам дека нашата екипа ќе придонесе за спасување многу животи во настраданите подрачја и дека по завршувањето на својата мисија, сите членови на истата живи и здрави ќе се вратат во Република Македонија – ја заврши својата изјава за медиумите општинскиот татко Јакимовски.

Екипата за спасување на вода од Општина Карпош кон Република Србија се упати веднаш по конференцијата за печат, а таму ќе остане сè додека има потреба од нејзината помош.

17.05.2014 - 12:04
Фото: 
Република
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега