Ромпуј: Да се надминат партиските и лични интереси во Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, по нивната денешна средба во Брисел во која неодамнешните избори во земјата беа главна тема, испратија заедничка порака до сите политички чинители кај нас дека ЕУ-агендата е најважна и oти сите треба да и се посветат.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Иванов од челникот на Советот побара хрватско-словечеки модел за Македонија во однос на паралелно решавање на билатералниот спор и напредување во евроинтеграциите, додека Ван Ромпуј побара да се земе српско-косовскио договор како пример за надминување на наметнатиот спор со Грција.

- Посетата на Брисел беше во функција да се укаже на јасната определба на ЕУ-иднината на Македонија. Таа јасна порака беше укажана на средбите, а моите соговорници пријавија интерес за актуелните случувања во нашата земја. Тие упатија јасна порака до сите политички чинители во нашата земја сериозно да пријдат на целиот процес на евроинтеграции и да покажат одговорност во овој процес, бидејки евроинтеграциите се одговорност на сите политички чинители во секоја земја, истакна Иванов во изјава за МИА по средбата, која поради смртта ан екс-белгискиот премеир Жан-Лук Дехен, остана без заедничка прес-конференција на претседателите.

Во своето пишано соопштение лиферувано по средбата, Ван Ромпуј посочи дека денеска во Брисел го пречекал македонскиот претседател и му честитал на неговиот реизбор. Тој вели дека двајцата дискутирале за неодамнешните избори и за пост-изборната ситуација во земјата и се согласиле дека дијалогот и соработката треба да се негува кај сите политички партии.

- Инклузивен демократскиот процес е од најголема важност за да се обезбеди натамошна стабилност и напредок. Во овој контекст го поздравив повикот на претседателот Иванов да се надминат партиските и личните интереси и го охрабрив да допре до сите заедници и сите етникуми во духот на Охридскиот рамковен договор. Ја истакнав оценката на ОБСЕ/ОДИХР, во која се укажува на ефикасно спроведување на изборите, но исто така ја повторив загриженоста на ОБСЕ во повикот за поделба меѓу државата и партиските активности и неутралноста на медиумите. Енергично граѓанско општество и слободни и независни медиуми се одлични средства во било која земја, порачува челникот на Европскиот совет.

Претседателот Иванов, пак, додаде дека Ван Ромпуј, но и комесарот за проширување Штефан Филе, со кого се сретна утринава, биле информирани за настаните во нашата земја, при што разговарале за многу аспекти од политичкиот живот во нашата земја и за се што се случува во регионот. Тој вели дека од негова страна било укажано да се користтат позитивните искуства од регионот, каде има случај на паралелно одвивање на двата процеси, како на процесот на преговори, така и на пронаоѓање решение за билатералната разлика.

- Укажавме дека се она што се случува последниве години, нас во Македонија не фрустрира, како населението, така и политичките чинители. Како резултат на таа фрустрација го имаме она што се случува во однос на актуелната ситуација во земјата и затоа побаравме поголема посветеност кон Македонија. За граѓаните да ги почувствиваат бенефитите од целиот процес во кој вложила нашата земја, посочи Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека е јасно оти сега е период на избори во ЕУ кога сите се загрижени каде ќе биде нивната политичка иднина и кариера.

- Укажано е на амбиентот кој постои внатре во самата Унија и нејзините предизвици и за тоа што треба ние да направиме како земја за да ја одржиме високо европската агенда во Македонија и како што кажав тоа е одговорност на секој политички чинител, вели Иванов.

Во соопштението за јавноста, Ван Ромпуј додава дека „не е случајно што претседателот Иванов го избра Брисел како прва дестинација за време на неговиот втор мандат“.

- Тоа ја одразува длабоката посветеноста на неговата земја кон европските интеграции и за унапредување на европската агенда. Направен е суштински напредок во спроведување на важните реформи и ние со нетрпение ќе ги проследиме понатамошните чекори за судските реформи и слободата на медиумите. Земјата е официјален кандидат да стане членка на Европската унија од декември 2005 година и притоа јас му ја повторив на претседателот Иванов континуираната и силна посветеност на ЕУ за европската перспектива на неговата земја и сите земји од Западниот Балкан. Добрососедските односи ќе ја олеснат европската интеграција и ќе доведат до поголема регионална стабилност, а духот на компромис и флексибилност е потребен со цел да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на Обединетите нации, порачува Ван Ромпуј.

На крајот од соопштението, челникот на Европскиот совет порачува дека „Дури и тешки прашања може да бидат решени доколку постои политичка волја и дека сето ова е можно и вие не треба да барате далеку за добар пример“.

- Разговорите меѓу Србија и Косово би можело да биде добра инспирација и доказ тешки компромиси се можни и дека тие раѓаат вистински резултати. Јас би сакал да ја истакнам мојата почит за сите граѓани на вашата земја, чија континуирана и силна поддршка на европската интеграција останува извор на инспирација за доведување вашата земја поблиску до Европската унија, заклучува Ван Ромпуј.

Идентични пораки беа испратени и на утринската средба на претседателот Иванов со еврокомесарот Филе. А, со средбата со претседателот на Советот, официјално заврши и првата официјална посета на старо-новиот претседател на Република Македонија на Брисел, чие присуство во европската престолнина на стартот на неговиот втор мандат беше со симболична цел да се потврди јасната евро-атлантска перспектива на нашата земја.

15.05.2014 - 20:33
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега