Средба Иванов-Филе: Очекуваме датум на следниот Самит на ЕУ

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел. Македонскиот претседател истакна дека статус-кво ситуацијата во однос на македонските евроинтеграции фрустрира и побара Македонија да добие датум за преговори на претстојниот Самит на Европскиот совет, а паралелно да го решава билатералниот спор со Грција.

Како што јавува дописникот на МИА, Филе од своја страна му го честитал вториот мандат на Иванов и неговиот избор, како и при добивањето на првиот мандат, својата прва официјална посета да ја оствари во Брисел, но притоа побарал успешно надминување на забелешките во извештаите на Комисијата и ОБСЕ/ОДИХР за нашата земја.

Од кабинетот на македонскиот претседател велат дека на средбата биле разменети мислења и информации во однос на интеграцискиот процес на земјата во Европската унија, состојбата во Македонија по неодамнешните избори, актуелностите во Обединетите нации во процесот на преговорите за наметнатиот спор за името.

- Статус-кво состојбата создава фрустрации во нашето општество. Таа не е добра како за Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето. Македонија бара на претстојниот Самит на Европскиот совет и за земјата да биде применет позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералниот спор, му рекол Иванов на комесарот за проширување.

Од кабинетот на претседателот на Република Македонија, велат дека комесарот Филе му посочил на Иванов дека реформскиот процес во земјата мора да продолжи со фокус на надминување на забелешките во извештаите на Еврокомисијата, но и на ОБСЕ/ОДИХР.

Доцна попладнево, претседателот Иванов во зградата “Жустус Липсиус” ќе има средба и со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, на кого се очекува да му ги соопшти истите очекувања на земјата од официјален Брисел во однос на македонските евроинтеграции.

15.05.2014 - 14:56
Фото: 
Курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега