Грците кренаа паника: Стравуваат од евентуален американски притисок за влез на Македонија во НАТО

Грција има голем проблем со името на Скопје, во пресрет на септемврискиот самит на НАТО што ќе се одржи во Кардиф, Велика Британија. За ова денеска пишува грчкиот весник „Парон“.

- Американскиот став е дојден дотаму што силно се залага за влез на Скопје во НАТО и тоа може да влијае на позициите на другите земји кои се за интеграција на Македонија во НАТО и се во корист на почеток на пристапните преговори со ЕУ, пишува весникот.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, истиот весник во друг текст ги обвинува грчките дипломати во Атина и Вашингтон што не биле присутни на конференцијата „Кон цела и слободна Европа“, која во организација на Атлантскиот совет на САД се одржа во Вашингтон и на која зборуваа министри од регионот, потпретседателот на САД Џозеф Бајден, државниот секретар Џон Кери и голем број лидери и експерти од областа на надворешната и безбедносната политика.

- Му се восхитуваме на министерот за надворешни работи Никола Попоски што беше поканет да зборува на една од најважните конференции организирани од страна на Атлантскиот совет во Вашингтон, на која, меѓу другите, зборуваа и потпретседателот Бајден и државниот секретар Кери, пишува „Парон“.

Подвлекувајќи дека Попоски во Вашингтон го користел уставното име, весникот додава дека тој во своето обраќање ја повтори стратешката цел на Македонија да влезе во НАТО, „објаснувајќи дека во тоа во голем дел е спречена од Грција“.

- Не барајте, немаше грко учество, и судејќи според нивото на составот на грчката амбасада во Вашингтон, веројатно дури ниту во публиката немаше некој барем да го снима тоа што го рече гоподинот Попоски и со кого се видел, коментира „Парон“.

И неделникот „Епикера“ вчера пишуваше за „американско сценарио“ за влез на Македонија во НАТО. Според дипломатски извори на неделникот, американскиот претседател Барак Обама лично ќе се ангажирал за интеграција на Скопје во Алијансата, „што е особено лошо за грчкиот премиер Андонис Самарас и шефот на дипломатијата Евангелос Венизелос, бидејќи неговото вмешување ќе ги повлече на негова страна целата американска дипломатија и странските лидери“. 

12.05.2014 - 14:03
Фото: 
Денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега