Започна конститутивната седница на осмиот собраниски состав

Собранието на Република Македонија денеска ја одржува конститутивната седница на осмиот пратенички состав.

Седницата ја води најстариот пратеник Стојан Миланов од Социјалистичката партија, а на неа, од вкупно 123 избрани претставници присуствуваат 85 пратеници. Како што најавија, на седницата не присуствуваат членовите на опозициските СДСМ и нејзините коалициски партнери, како и пратеникот од НДП кои освоија мандати на предвремените парламентарни избори на 27 април. СДСМ и коалицијата освои 34 мандати, а НДП еден.

Откако ќе бидат избрани претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието на Република Македонија, ќе бидат верификувани мандатите на пратениците. Потоа ќе следува избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која може да предложи претседател на Собранието од редот на пратениците. Претседател на Собранието можат да предложат и најмалку дваесет пратеници. За да биде избран претседател на Собранието потребни 62 гласа. 

На седницата присуствуваат новоизбраниот претседател Жорге Иванов и други гости од политичкиот јавниот живот од Македонија, верските лидери во земјата, како и претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на САД Пол Волерс и првиот човек на делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав.   

Според официјалните конечни резултати на Државната изборна комисија  од предвремените парламентрани избори, одржани на 27 април, во идниот состав на Парламентот треба да седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ. 

10.05.2014 - 13:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега