Иванов: ЕУ да се однесува европски и да опстои на своите основни принципи

ЕУ се уште не е целосна бидејќи се уште не е обединета,  иако одбележа 10 години од големото проширување со 10 нови држави-членки со кое се направи голем чекор кон надминувањето на вештачката поделба на Европа, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод одбележувањето на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.

Тој додаде дека идната година се навршуваат 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија, години, како што посочи, со реформи, работа и цврста увереност во европската индина на Македонија.

- Македонските граѓани очекуваат до 10-годишнината од кандидатскиот статус Република Македонија да ги има почнато преговорите за членство во Унијата. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа, порача Иванов.

Според него Македонија како европска држава се однесува европски. - Очекуваме, додаде, и ЕУ кон Македонија да се однесува европски, да опстои на своите основни принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција.

Посочувајќи дека на 9 Мај го славиме Денот на Европа, рече дека некои се уште го злоупотребуваат ветото за да ја спречат европската иднина на Македонија. - На 9 Мај ја славиме победата над фашизмот и нацизмот. Но овие погубни идеологии се уште живеат во затворените и заматените умови на поединци кои сеат ксенофобија, нетрпеливост и омраза кон поинаквите, рече Иванов додавајќи дека нас не загрижуваат ненаучените лекции од 20. век.

- Поради ветото и блокадата, поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓунродното право, Република Македонија и македонските граѓани ги чувствуваат последиците од тие ненаучени лекции, истакна македонскиот претседател.

Според него борабата против фашизмот и нацизмот е борба за слобода, а борбата за слобода е борба за Европа. - Нашиот завет, рече, не обрзува да се сеќаваме и да не заборавиме дека борбата за слобода на Македонија беше и борба за слободна Европа. Европа без фашизам и без нацизам, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Обраќајќи се пред присутните истакна дека сме уверени во способноста на европското лидерство да ја изведе Европа проширена, посилна и поуспешна, но за тоа, како што додаде, се потребни нови, креативни напори пропорционални на предизвиците со кои се соочуваме. - Креативни напори цврсто втемелени врз принципите на мирот, слободата, демократијата и владеењето на правото, истакна тој.

На свечената академија порача дека мирот не е само отсуство на војна, мирот, рече, е почитување и прифаќање на другиот, различниот.

Свечената академија се одржа во објектот на Македонскиот народен театар во Скопје, на која присуствуваше и премиерот Никола Груевски.

09.05.2014 - 19:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега