Иванов: Македонија со гордост ги одбележува овие два светли датуми

Република Македонија со гордост ги одбележува овие два светли датума од историјата. Во годината кога ја славиме 70-годишнината од Првото заседание на АСНОМ се сеќаваме и на големиот придонес на нашиот народ во победата над фашизмот, момент што придонесе за траен мир на eвропскиот континент, нагласи претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов денеска по свеченото дефиле на единиците на АРМ по повод 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.

- Денес нашата генерација има своја исто така праведна мисија заедно сплотени да ја градиме Република Македонија како демократска и економски напредна држава во која ќе се негуваат вредностите на сите кои живеат на овој простор. Наша мисија е Република Македонија да ја внесеме во големото европско и евроатлантско семејство на држави со сето достоинство што ни следува, порача претседателот Иванов.

Денешниот настан, според претседателот Иванов, е само уште една потврда дека АРМ останува подготвена да го заземе своето место во НАТО затоа што, подвлече, и натаму стоиме на вредностите што пред речиси седум децении доведоа до пад на фашизмот и до создавање предуслови за обединување на Европскиот континент.

- Избирајќи го вистинскиот пат онака како што беше направено во Втората светска војна оваа генерација заслужува да биде дел од Европа и дел од прогресивниот и напреден свет како земја со демократски и економски просперитет. Сите пречки кои се од несуштинска природа и кои немаат ништо заедничко со вредностите над кои е изграден современиот демократски свет нема да не спречат да дојдеме до нашата цел, е пораката што ја упати претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија Ѓорге Иванов по свеченото дефиле на единиците на АРМ во скопската касарна „Илинден“.

Честитајќи им го 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот на припадниците на АРМ и на присутните воени акредитирани аташеа во земјава, како и на останатите граѓани, Иванов изрази уверување дека тие ќе продолжат да работат според трите вредности што ги одбележаа, како што рече, овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам.

09.05.2014 - 12:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега