Македонија ги одбележува Денот на Европа и победата над фашизмот

Со голем број настани во Република Македонија денеска ќе биде одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Државните институции, претседателот на Републиката и Владата, невладините организации ќе организираат поголем број манифестации по повод одбележување на овие два големи настани.

- Република Македонија ги почитува, уважува и вреднува овие два големи настани - Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Тие почиваат на вредности во кои веруваат и за кои работат граѓаните на Република Македонија, вредностите на слобода, напредок и хуманост, и на овој начин нашата земја дава свој придонес во глобалното одбележување на овие настани кои носат големи цивилизациски придобивки, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа денеска ќе ги посети припадниците на АРМ во скопската касарна „Илинден“, каде што ќе се одржи свечено дефиле на единиците. Покрај дефилето, ќе биде изложен дел од опремата, борбените средства и системи и материјално-техничките средства кои ги поседува АРМ.

Во Кабинетот на претседателот Иванов, како што е најавено, ќе се одржи и Панел дискусија на тема „ЕУ-од идеја до заедничка иднина“. На панел дискусијата ќе учествуваат, покрај Иванов, и шефот на мисијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав, професорите Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа и Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, додека модератор ќе биде професорот Димитар Мирчев.

Претседателот Иванов ќе има обраќање и на свечената академија која ќе се одржи во Македонскиот народен театар во рамки на одбележувањето на двата настана. 

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, пак, во Министерството за надворешни работи ќе одржи предавање на тема „ЕУ и младите“, пред студенти од државните и приватните универзитети, како и млади дипломати од МНР. 

Вицепремиерот Фатмир Бесими во Клубот на пратеници во Скопје, ќе биде домаќин на традиционалниот „ЕУ појадок“, на кој се поканети Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија, Амбасадорот на САД во земјава, високи претставници на странски претставништва, како и поранешните вицепремиери задолжени за европски прашања.

Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа ќе го прослават и Министерството за образование и наука и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кои на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе одржат Форум на тема „Антифашистичката и Народноослободителната борба“.

Денеска и првиот училишен час во основните и во средните училишта ќе биде посветен на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, за што МОН веќе има испратено допис и насока до сите училишта. На часот наставниците и учениците ќе разговараат за настаните, за историската димензија, како и за вредностите на кои почиваат одбележувањата и самите настани.

Во рамки на одбележувањето, денеска државни делегации и делегации на граѓани ќе положат цвеќе на Споменикот на борците од НОБ и АФБ пред Владата, на АСНОМ и на споменикот на Кузман Јосифовски Питу во „Жена парк“, како и на споменикот на „Ченто“ на плоштадот „Македонија“.

Одбележувањето на двата настани денеска на плоштадот „Македонија“ ќе го збогатат и учениците од Музичкото училиште, кои ќе изведуваат музички дела на тема „Македонија и Европа“, додека пак учениците од Ликовното училиште ќе цртаат на поставени паноа слики на тема „НОБ Македонија/Европа“.

Скверот „Јадран“ оваа година ќе наликува на „ликовен Европски Монмартр“. Околу 400 деца од сите основни училишта и градинки во Општина Центар ќе учествуваат во манифестацијата „Сите заедно под исто Европско небо“. Дваесет и осум ученици, колку што е бројот на земјите членки на ЕУ, ќе цртаат репродукции на врвни европски сликари од овие земји, а студенти од Факултетот за ликовна уметност ќе изработуваат цртежи и графики на неповторливиот шпански надреалист Салвадор Дали. 

МИА

09.05.2014 - 09:42
Фото: 
либертас
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега