Камбовски: Да ги почнеме преговорите за полесно да го решиме спорот за името

Почнувањето преговори за членство на Македонија во ЕУ, не само што нема да го усложни, туку, напротив ќе го олесни надминувањето на проблемот со спорот за името, меѓу другото и со зголемување на заемната доверба и директно инволвирање во него на европските институции, оцени денеска претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски.

На пристапното предавање на академик Феликс Унгер, во пресрет на денот на Европа - 9 Мај, Камбовски укажа дека решавањето на спорот со Грција за името со кое Македонија ќе стапи во ЕУ и НАТО, станува очигледно предмет на бескорисни и политички манипулации, спротивно на сите рационални основи и причини и за негово наметнување и решавање. Тој посочи дека вештачки конструираните прашања на македонскиот национален идентитет, јазикот и уставното име Република Македонија не се предмет на преговори, затоа што не можат да бидат тоа. 

- Тие не се врзани за државата, туку за поединецот и за неговите природни слободи и права на идентитет, јазик и име што тој ќе и го даде на својата држава. Ниту една влада или друга државна институција и поединец нема легитимно право да ги проблематизира, преговара или договара нешто за нив. Тие не може да бидат ни предмет на референдум, закон, уставна измена или каков и да е акт на државата  затоа што се природни, неотуѓиви и неоктроирани права, недопирливи за државата, рече Камбовски.

Името под кое една држава стапува во меѓународни организации, според него, може да биде уредено и со договор или акт на самата меѓународна организација, која ги почитува интересите на сите страни, но и од страна на државата.

– Заради забрзување на процесот на евроинтеграција, најрационално е решението преговорите на ЕУ со Република Македонија да почнат без одлагање и под нејзината референца во ООН, смета Камбовски.

Република Македонија, додаде, е толку длабоко завлезена во процесот на евроатланските интеграции, што тој веќе не може да биде запрен по чија било волја, па дури не дозволува ни политичка арбитрарност на државните институции надлежни за неговото водење и напредување.

- Неспорно е влијанието и на извесна разочараност од повеќегодишното одлагање на почетокот на преговори за членство на Македонија во ЕУ покрај неколкупати повторената препорака од ЕК, како и одлагањето на приемот во НАТО и покрај исполнувањето на другите услови за тоа, сето тоа поради спорот околу името на државата наметнат од соседна Грција, потенцира Камбовски.

Евроатланската интеграција на Македонија, додаде, е процес на усвојување и применување на европските вредности и стандарди во политичкиот систем, правото, економијата, образованието, културата и науката.

Македонското општество, забележа тој, силно го поддржува пристапувањето кон ЕУ и НАТО, како негов најважен проект на почетокот на третиот милениум.

Академик Феликс Унгер, претседател на Европската академија на науките и уметностите и член на МАНУ надвор од работниот состав истакна дека Европа е простор во кој владее слободата и оти во таков простор треба да се земат предвид животните вредности, но, како што рече, потребна е и толеранцијата и соживот.

- Случајот со Македонија е комплициран. Постојат многу погрешни толкувања и понекогаш не е од голема помош да се користи историјата. Јас лично мислам дека кога зборуваме за Европа, слободите, толеранцијата, човековите права, треба да гледаме во иднината, бидејќи историјата нема место во заедничкото живеење, рече Унгер.

Според него, Балканот е комплициран поради својата историја и може да се направи прекрасно место за живеење, ако се гледа само напред.

Во однос на грчкиот став за уставното име, истакна дека во Европската академија земјата е заведена како Македонија, а при секоја покана на македонски преставник на собири на академијата се користи уставното име

08.05.2014 - 13:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега