Атина се понервозна влегува во новите средби со Нимиц

Василакис веднаш рипна и ја обвини Македонија дека не е кооперативна во решавањето на спорот откако Нимиц го крена влогот, порзувајќи го решението на спорот со безбедносната ситуација во Европа, грчкиот учесник во разговорите Адамантиос Василакис се нафрли врз Македонија обвинувајќи ја дека не е кооперативна во решавањето на спорот.

Василакис внимаваше да ги одбегне претставниците на македонски медиуми во Њујорк, пред кои во минатото знаеше нервозно да изреагира, и својата изјава ја даде пред единствениот претставник на грчкиот печат. Во изјавата, Василакис се обиде да ја претстави Грција како кооперативна во разговорите, а ја обвини Македонија дека не направила никакви отстапки од 1995 година досега.

- Грција сака да најде решение, но другата страна досега нема направено апсолутно ништо. Таа е  на иста позиција како што беше во 1995 година, изјави Василакис.

Согласно правилата договорени меѓу посредникот Нимиц и учесниците во разговорите Зоран Јолевски и Василакис, изјавата по средбата ја дава самиот Нимиц. Тоа се прави токму со цел да се избегне средбата да се претвори во меѓусебно омаловажвање и напаѓање, какво што се обиде вчера да предизвика Василакис со својот потег. Разговорите во Њујорк се интензивирани, што беше и барање кое на Генералното собрание на Обединетите нации минатата година премиерот Никола Груевски го постави до генералниот секретар Бан Ки-мун. Имајќи го предвид драматичното влошување на безбедносната ситуација во источна Европа, Грција е под притисок да се напуштат тактиките на одолговлекување на разговорите за спорот за името, што Македонија исто така го побара.

Владата во Атина, исто така, е соочена со неизвесни локални и евро-парламентарни избори, и средбата во Њујорк се случи во екот на кампањата. Премиерот Андонис Самарас засега според анкетите губи од Алексис Ципрас од СИРИЗА, а уште полоши се прогнозите за клучниот владин партнер ПАСОК на Евангелос Венизелос. Во оваа ситуација, притиснат пред се од СИРИЗА, Самарас ја користи и картата на популизам за спорот за името, која му носи неколку поени поддршка повеќе кај грчките националисти, особено во областа Македонија.

Од друга страна, самиот Нимиц не ја спомна Украина по име, но јасно алудираше на опасната состојба во оваа земја која се прелева кон соседите, велејќи дека „имајќи ја предвид ситуацијата во светот, и засилениот интерес за прашања од безбедноста, мислам дека ова е добро време за раководствата на двете земји да видат дали има нови начини да се реши овој проблем“. Кризата во Украина доведе до притисок од страна на САД и Брисел врз земјите од Балканот и источна Европа да стојат единствено во заштитата од руските притисоци. Еден од можните одговори на руското ширење на влијанието на Исток го најави и американскиот дипломат и заменик генерален секретар на НАТО Александар Вершбоу, и би било испраќање јасна порака дека НАТО е отворен за проширување на самитот во Британија, дури и без нова членка да влезе во Алијансата. Во исто време, повторно грчко саботирање на проширувањето со Македонија, па дури и обидите воопшто да се запрат било какви разговори за проширување за било која земја, што Грција се обидуваше да го издејствува на минатите самити, би го ослабнало овој дел на американскиот одговор кон Русија.

САД стравуваат и од руската реакција доколку се прошири НАТО

Во САД нема јавно претставен консензус за тоа дали треба да се прошири НАТО. Високите државни претставници, како потпретседателот Џо Бајден, државниот секретар Џон Кери и секретарот за одбрана Чак Хејгл изминативе 10 дена ги бранеа досегашните проширувања, но не дадоа јасна поддршка за идни проширувања.

Списанието Национален интерес објави анализа на безбедносниот експерт Бил Френч, според која САД треба да бидат подготвени за серија руски реакции, доколку во септември има проширување. Френч ја цитира руската нуклеарна доктрина, воведена по Косовската војна, која како своја цел поставува да се реагира против ширењето на воените блокови со кои се загрозува воената безбедност на Русија. Како прва ваква реакција, според Френч, може да биде руското повлекување од договорот против распоредување на проектили со среден дострел, потпишан во 1987 година, но руски мерки би можеле да бидат и ескалација на војната во Сирија, договор со Иран за развој на иранската нуклеарна програма, обид за приближување до Кина. Од друга страна, Френч вели дека придобивките од проширувањето на НАТО би биле неизвесни.

- Ништо од ова погоре не сугерира дека американските и европските лидери треба да бегаат од ризиците, и да не се конфронтираат со Русија. Тие секогаш мора да бидат подготвени да преземат одреден, па и посериозен ризик. Но, прашањето е кои се директните придобивки од проширувањето на НАТО. Се претпоставува дека основната придобивка од ова проширување би била тоа што ќе се ограничи руската агресивност, но досега видовме дека и по три рунди на проширување и зголемување на бројот на членки за 40 проценти, Русија продолжи со проблематичното однесување, вели Френч кој потоа предвидува дека прием на кандидатките како Македонија и Црна Гора, или почнување на преговорите за Грузија би можело да ја загрози и безбедноста на Грузија.

08.05.2014 - 10:18
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега