Стипендирани 623 Роми средношколци

Вкупно 623 средношколци Роми за оваа учебна година добија стипендии во рамки на проектот за стипендирање, менторство и туторство што петта година по ред го реализира Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот образовен фонд од Будимешта.

Оваа учебна година беа стипендирани и 102 наставници ментори кои за својот ангажман околу овие ученици добија надоместок од 3.000 денари за девет месеци, како и 11 наставници тутори кои за својот ангажман во мај ќе добијат хонорар од 3.000 денари. 

Според министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со овој проект се подобрува интеграцијата на средношколците Роми во образовниот систем и преминот од една во друга учебна година.

- Најважен показател за неговата успешност е зголемениот среден успех на учениците, кој од 3,56 во учебната 2010/2011 година се зголеми на 3,83 во минатата 2012/2013 година. Оваа учебна година очекуваме уште подобри резултати, истакна Ристовски на денешната прес-конференција.

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Реџеп Али Чупи оцени дека како резултат на проектот зголемен е процентот на премин на средношколците Роми од една во друга учебна година.

- Во изминатите четири години имавме 2.239 стипендисти подржани со стипендија и менторство, а од нив успешно 2.209 ја завршиле учебната година и преминале во следната. Тоа укажува на еден висок индикатор на проодност од година во година на средношколците Роми, нагласи Чупи.

 

03.05.2014 - 14:06
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега