Прегазени двајца пешаци - 14 сообраќајки во Скопје
Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје се случиле 14 сообраќајни незгоди, од кои седум се со последица материјална штета и пет се со последица телесна повреда во кои со телесни повреди се здобиле тројца возачи на патнички моторни возила, еден пешак и еден сопатник.
Се случиле и две незгоди со последица тешки телесни повреди. Првата се случила во 7 часот и 55 минути на бул. „Партизански одреди“ во која учествувале патничко моторно возило „поло“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и пешак, граѓанин на Тетово. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот.
Втората незгода се случила во 12 часот на крстосницата од ул. „Јустинијан Први“ и ул. „Малешевска“ во која учествувале патничко моторно возило „пунто“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и пешак, роден 1959 година, исто така граѓанин на Скопје. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот.
Во текот на изминатите 24 часа од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се пет возачи коишто не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците, четворица возачи кои ги управувале своите возила без возачка дозвола, четворица возачи коишто ги управувале своите возила по истекот на важноста на сообраќајната дозвола и пет возачи коишто не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилата.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно според постоечката сообраќајна регулатива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа