Васил Скендеровски: Екологијата е нераскинлив дел од работењето на Југохром

Екологијата е процес кој станува нераскинлив дел од работењето на Југохром Фероалојс, и е составен дел на работните обврски како на менаџерскиот тим, така и на сите вработени во компанијата. Компанијата и покрај сите потешкотии во предходниот период, никогаш не бегала од општествената одговорност, и интензивно работи на исполнување на обврските од оперативниот план, со што ќе придонесе за заштита на животната средина, а со тоа и заштита на работната средина во Југохром Фероалојс. Иако рокот беше до 1-ви Април оваа година за целосна имплементација на оперативниот план, сепак благодарејќи на разбирањето на кое наидовме кај Владата на РМ, истиот е продолжен до 31.10.2014 година, со континуиран мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина за нашите активности  на полето на реализирањето на сите пунктови по акциониот план. Морам да напоменам дека е јасно изразена волјата кај нашиот сопственик за комплетно завршување на нашите обврски во врска со задоволувањето на еколошките стандарди. Оперативниот план опфаќа реализација на 29 точки, од кои Југохром Фероалојс веќе исполни и реализира 16 во целост. Ккао една од најважните би ја издвоил поставувањето на мониторинг станицата за амбиентен воздух со кој следат податоците за NOx, SO2, CO2, CO најважниот податок за ПМ 10 честитките. Исто така имаме целосна контрола за управување со отпад како една од главните одговорности во однос на заштита на животната средина. - вели во интервју за Press24 Васил Скендеровски, комерцијален директор на Југохром Фероалојс

Press24: Господине Скендеровски, Југохром Фероалојс е еден од најголемите производствени капацитети во Македонија во кој доминантниот капитал е руски. Дали моменталните случувања во Украина влијаат на вашиот глобален пазар а преку тоа и на македонскиот?

Скендеровски:  Југохром Фероалојс е еден од најголемите и најреномирани Европски производители на Феросилициум, и каков таков е присутен на целиот пазар ширум континентот.  Самиот факт што нашиот сопственик  доаѓа од Русија, силно влијаеше да бидеме присутни и на пазарот од Источна Европа, вкучувајќи ја и Украина. Секако и економската криза која зафати Украина уште пред почетокот на политичката (затворање и редуцирање на производствените капацитети во Стаханов и Запорожје) имаше силно влијание да го пласираме нашиот производ во неколку челичани во Украина. Морам да напоменам дека случувањата во последните некоку месеци во оваа земја се рефлектираа и нашето работење со тие капацитети, но веќе тоа е минато и од наредниот месец продожуваме со нормална испорака.

Press24: Како економската криза која го зафати светот во изминатите години влијаеше врз работата на комбинатот? Како работите во моментов?

Скендеровски:  Факт е дека економската и должничката криза во светот не не заобиколи и нас како производствен капацитет. Имаше и периоди на редуцирање на производствениот капацитет, но генерално поминавме без некои поголеми турбуленции. Се трудевме да останеме стабилен субјект на пазарот, и максимално вложивме напор негативните последици од кризата што е можно помалку да се рефлектираат на нашето работење.  Исто така, вредно е да се напомене дека и Владата на РМ имаше влијание во ублажувањето на последиците од кризата, со носењето на антикризните мерки од кои би ја издвоил раздолжувањето кон приватниот сектор по основ на поврат на ДДВ. Во секој случај, сега ситуацијата е многу подобра, рефлектирана преку цената на нашиот производ на Светската берза.

Во моментов Југохром Фероалојс работи со полна снага, т.е. во функција се сите седум печки, што ни дава за право да се надеваме и на подобри финансиски резултати во периодот кој следи.

Press24: Во Југохром Фероалојс има 1.200 вработени, дали со оглед на турбуленциите на светските пазари, нивните работни места се стабилни?

Скендеровски:  Од самиот почеток на доаѓањето на новиот менаџерски тим на челото на Југохром Фероалјс (Јули 2010 година), генерално политиката беше и остана бројот на вработените да биде компатибилен со нашата производствена програма. Дури и во моментите на редуцирање на производствениот капацитет, се трудевме да нема големи отпуштања на вработените, пред се благодарејќи на разбирањето на кое наидовме кај нашиот сопственик. Со голема доза на одговорност, тврдам  дека нема место за стравување кај ниеден од моментално вработените за губење на своето работно место, имајќи предвид дека Југохром Фероалојс води стабилна деловна политика.

Press24: Кој е вашиот пазар, какви се производи произведувате и каде главно обезбедувате нивни пласман?

Скендеровски:  Производствената програма на Југохром Фероалојс во моментов опфаќа производство на Феросилициум 65% и 75%, иако имаме можност и за производство на ферохром, силикохром, фероманган, силициумметал како и други типови на феролегури.  Апропо барањата на Европскиот пазар сконцентрирани сме на производство на Феросилициум, иако во блиското минато произведувавме и Силициум метал со врвен квалитет. Како еден од најголемите европски производители на овој тип на легура, присутни сме на целиот Европски пазар, а како мега пазари би ги издвоил Италијанскиот, Германскиот, Украинскиот, Грчкиот, Чешкиот, Бугарскиот, Романскиот, Словачкиот, Белгискиот, па и Босанскиот и Српскиот.

Press24: Металургијата како гранка учествува во македонскиот БДП со 7.5 %, а во вкупниот извос со преку 30 отсто. Каква е вашата оценка за условите за функционирање на оваа значајна стопаснка гранка?

Скендеровски:  Секако морам веднаш да потенцирам дека покрај овие бројки кои ги споменавте, не смее да се занемари фактот дека 17% од сите вработени во индустријата се од металургијата. Нашиот комбинат, заедно со ФеНи и Макстил преставува ударна сила и вистински двигател на Македонската индустрија. Одложувањетои на примената на еколошките дозволи, модернизацијата на железничката и патната инфраструктура во РМ, формирањето на балансни групи за часовното балансирање на понудата и потрошувачката на електрична енергија, решавањето на имотно-правните односи на земјиштето на компаниите и одбрувањето на неколку милиони евра од ЕИБ за компаниите се свеж воздух и преставуваат правовремени и суштински потези на Владата на РМ со цел да се преброди кризниот период. Накратко речено, условите за функционирање кои ги имаат металуршките комбинати  во моментов, прават да истите можат рамноправно да се борат со другите металуршки комбинати ширум пазарот во Европа.

Press24: Колкаво е вашето месечно производство  и каде најмногу се употребуваат легурите на Југохром Фероалојс?

Скендеровски:  Работењето со максимален капацитет во моментов, во апсолутен износ значи производство од околу 6.500 МТ феросилициум месечно, или речиси 80.000 МТ на годишно ниво. Тоа не прави еден од водечките комбинати за производство на ферослициум во Европа. Југохром Фероалојс покрива скоро 20% од вкупните потреби за оваа легура на Стариот континент.

Феросилициумот 65% и 75% се користи во сите челични индустрии, како редуцент и додаток за легирање при топење на челикот кој понатаму се користи во електротехниката, во производство на федери, челик отпорен на корозија, челик отпорен на топлина итн. Всушност, силициумот како главен хемиски елемент присутен во ФеСи, ја зголемува цврстината на челикот, дава затегнувачка цврстина, ги зголемува пределите на развлекување и еластичност, ја зголемува отпорноста на оксидација, и конечно ги намалува загубите на енергија.

Press24: Кои се клучните предизвици за вашата компанија?

Скендеровски:  Подобрувањето на економската ситуација како и нагорните трендови кои се присутни во металургијата, како кај нас така и во Европа, бараат од нас да продолжиме со максимален ангажман на полето на технолошката модернизацијата на Југохром Фероалојс. Покрај тоа, морам да наведам дека го воведовме општиот стандард за управување со квалитет ИСО 9001:2008. Ова  е првиот чекор со кој комбинатот вложува во документирање и отимизирање на нашиот производствен и бизнис процес. Пред нас е новиот предизвик, кој се нарекува имплеметација на ИСО 14001, а се однесува на еколошката одговорност кон животната средина на нашата компанија. Веќе интензивно работиме на овој проект, и за очекување е да до крајот на годината Југохром Фероалојс со гордост го понесе епитетот на компанија која го поседува и овој сертификат. Кога сме веќе кај предизвиците кои следат, нераскинлив дел е имплеметацијата на оперативниот план за издавање на А интегрирана еколошка дозвола.

 

Press24: Инвестирањето и подобрувањето на технолошките процеси е клучно за развојот на еден бизнис. Колку вие инвестирате во модернизација на производството?

Скендеровски:  Самиот чин на промена на сопственичката структура во Јули 2010 година, т.е. влезот на нашиот сопственик во комбинатот, рефлектираше и големи зафати во модернизација на металуршко-технолошкиот процес. Морам да го потенцирам периодот од 2010 до 2012 година кога на полето на реконструкцијата и развојот се случија многу активности во Југохром Фероалојс. Тука пред се би ги издвоил, целосна реконструкција на 9-тата печка, како и големи зафати на 1-та и 2-та печка, целосен ремонт на трансформаторот за 8-ма печка, нова изградба на канал за атмосферска вода во кругот на фабриката и други помали зафати. Со еден збор, агенадата подразбираше комплетна модернизација на севкупниот производствен капацитет, но кризата во Европа не ни дозволи во целост да ги завршиме планираните активности. Сега, кога ситуацијата  е подобрена, активно ќе продолжиме да работиме на тоа поле.

Press24:Дали превземате мерки за исполнување на еколошките барања?

Скендеровски:  Екологијата е процес кој станува нераскинлив дел од работењето на Југохром Фероалојс, и е составен дел на работните обврски како на менаџерскиот тим, така и на сите вработени во компанијата. Компанијата и покрај сите потешкотии во предходниот период, никогаш не бегала од општествената одговорност, и интензивно работи на исполнување на обврските од оперативниот план, со што ќе придонесе за заштита на животната средина, а со тоа и заштита на работната средина во Југохром Фероалојс. Иако рокот беше до 1-ви Април оваа година за целосна имплементација на оперативниот план, сепак благодарејќи на разбирањето на кое наидовме кај Владата на РМ, истиот е продолжен до 31.10.2014 година, со континуиран мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина за нашите активности  на полето на реализирањето на сите пунктови по акциониот план. Морам да напоменам дека е јасно изразена волјата кај нашиот сопственик за комплетно завршување на нашите обврски во врска со задоволувањето на еколошките стандарди. Оперативниот план опфаќа реализација на 29 точки, од кои Југохром Фероалојс веќе исполни и реализира 16 во целост. Ккао една од најважните би ја издвоил поставувањето на мониторинг станицата за амбиентен воздух со кој следат податоците за NOx, SO2, CO2, CO најважниот податок за ПМ 10 честитките. Исто така имаме целосна контрола за управување со отпад како една од главните одговорности во однос на заштита на животната средина.

Во фаза на реализација се останатите 11 активности, од кои шест се меѓусебно поврзани. Како наша најважна активност во наредниот период би ја издвоил системот за отпрашување со кои се поврзани уште пет други активности за реализација. Кога сме веќе кај овој мега проект, сакам да го изразам задоволството дека веќе е потпишан договорот со една Швајцарска компанија за испорака и монтажа на овој систем. Како што погоре споменав, во тек е воспоставување на систем за управување со животната средина ИСО 14001. Исто така би напоменал дека е веќе постигната согласност со општина Јегуновце за заедничко решавање на проблемот со фекална канализација и пречистителна станица.

Press24:Како гледате на перспективите на комбинатот во иднина?

Скендеровски:  Југохром Фероалојс, како еден од најстарите металуршки комбинати на овие простори, веќе со години, а посебно последните некоку, се труди да го завземе своето место на металуршкиот пазар.  Исто така вредно е да се напомене дека нашиот комбинат во поранешна Југославија, го имаше приматот на еден од најголемите извозници во Европа, па и светот. Нам како менаџерски тим, па и на нашиот сопственик, повеќе од јасно ни е дека фабриката во иднина треба да претрпи целосна модернизација, за да ги прати трендовите во технолошко-производствениот процес. Во секој случај, позицијата на Југохром Фероалојс е јасна, а тоа е да биде еден од водечките металуршки комбинати во регионов. Идејата за изградба на нови печки е присутна веднаш по доаѓањето на нашиот сопственик како титулар на комбинатот, со што би се зголемил нашиот производствен капациет, како и можност за нови вработувања од регионот.

Сето ова ни дава за право да кажеме дека Југохром Фероалојс за краток период по сите стандарди ќе стане еден од најмодерните комбинати за производтсво на феролегури во регионот и пошироко.

 

 

 

24.04.2014 - 10:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега