Стартува 17. Скопски филмски фестивал
Со проекција на руската воена драма „Сталинград“ на ветеранот актер и режисер Фјодор Бондарчук, снимена во 3Д и издадена во 3Д ИМАКС формат, вечер во киното Милениум ќе биде отворен 17. Скопски филмски фестивал.
Скопскиот филмски фестивал до 30 април на филмофилите ќе им понуди 60 филма распоредени во осум програми. Меѓу големите авторски имиња се: Лукас Мудисон, Ким Кидук, Мајкл Гондри, Серен Крег Јакобсон, Веико Оунпу, Фјодор Бондарчук, Џим Џармуш, Улрих Зајдл.
Во главната програма се осум филма, и тоа од Камбоџа, Мексико, Грција, Шведска, Данска, Естонија, Индија и Иран, меѓу кои се: „Сликата што недостасува“ на Рити Пан од Камбоџа, мексиканскиот „Хели“, иранскиот „Манускриптите не горат“ на Мухамед Расулоф, грчкиот филм „Госпоѓица насилство“ на Александрос Авранас, индискиот „Ланчбокс“, „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон, „Слободна зона“ на Веико Оунпу од Естонија, како и „Часот на рисот“ на Серен Крег Јакобсон. Три филма во оваа програма своите светски премиери ги имаа на Канскиот фестивал.
Во Кинотеката на Македонија, Фестивалот ќе ја понуди „Ретроспектива“ на Џим Џармуш во која ќе бидат прикажани филмовите „Постојан одмор“ (1980), „Почудно од рајот“ (1984), „Надвор од законот“ (1986), „Мистериозен воз“ (1989), „Ноќ на земјата“ (1991) и „Мртов човек“ (1995). „Во фокусот“ годинава е австрискиот режисер Улрих Зајдл со неговата „Трилогија: Рај“ поделена на „Рај: Љубов“, „Рај: Верба“ и „Рај: Надеж“.
Четирите дебитантски дела: „Луѓето таму“ на Аик Карапетијан од Латвија, италијанскиот „Утринска ѕвезда“ на Софи Блонди, францускиот „Интимна политика“ на Јамини Лила Кумар и холандскиот „Тивките“ на Рики Ринеке, се во програмата „Eye on films“. Програмата на кратки филмови содржи десет остварувања на тема „Секс и религија“. Освен придружните програми, претставено ќе биде и новото во македонската продукција.
Во киното Фросина ќе бидат прикажани студентски филмови од Факултетот за драмски уметности.
На затворањето на Скопски филмски фестивал во киното Милениум ќе биде прикажан новиот филм на Ралф Фајнс „Невидливата жена“ кој ја раскажува приказната за тајната љубов на Чарлс Дикенс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа