Каков бил еден ден на Тито? - батлерот раскажува како било да се работи со него

Јоже Оселија е последниот батлер кој го служел југословенскиот претседател, Јосип Броз Тито, а тој за Нови Магазин си ја отвори душата и раскажа како било да се работи со Тито.

Овој човек на почетокот почнал да работи во собранието на Словенија, а неговиот татко кој работел како воен музичар му бил единствена врска со Белград. Почнал многу да работи, бидејќи му помагал и на Винко, кој бил шеф во резиденцијата на Тито во Крањска Гора. Во август 1972 година Винко заминува  на подолг одмор. Првата средба со Тито му била кратка, но потоа се повеќе и повеќе се зближувале.

- Нашата работа кај Тито беше идеална. Многу имаше работа, но имавме слобода да научиме да работиме и да ги менуваме јадењата. Сè што замислувавме можевме да го направиме. Одевме по набавки во Италија и Австрија, но не трошевме постојано. Еднаш од стари завеси направивме чаршафи, кои ги забележа и Јованка. За неа беше многу важно што јас и Метка сме брачен пар.

Тој вели дека ни еднаш не слушнал лош збор од Јованка, и вели дека не ја бркале од резиденцијата, како што кружат гласини, туку дека се карале со Тито како секој нормален брачен пар. Јованка била многу важна во животот на Тито и многу ја сакал. Еднаш тројца функционери го убедувале да се разведе од неа, но тој никако не попуштал. Јованка целиот живот се грижела за Тито и постојано била со него. 

Тито, според зборовите на батлерот, секое утро одел на базен, потоа на масажа. Додека тој се релаксирал, Јоже заедно со послугата му спремале појадок. Секој ден појадувал неколку парчиња говедско месо, како ребренца но не со коски, туку со бела ’рскавица. Малку јадел тој, а малку му давал и на кучето. По појадокот шетал заедно со Јованка, а потоа пиел кафе – кратко и чисто еспресо, без млеко, без шеќер и никогаш не пиел турско кафе. За ручек и вечера никогаш немал некои желби, туку секогаш го јадел она што му го подготвувале. Навечер знаел да гледа филм, а потоа пиел чај од женшен, па следувало базен и повторно масажа. 

Со него биле 24 часа. Додека можел да јаде нормална храна – му ја подготвувале. Кога веќе не можел сам да јаде, Метка го хранела лажичка по лажичка, додека не прими 1.500 калории, како што налагале докторите.  На крај во живот го одржувала само инфузијата.

- Тоа беше едно многу убаво време. Никогаш не би ја сменил службата кај претседателот Тито, дури и некој султан да дојде и да ми даде златен Ролс ројс!

16.04.2014 - 11:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега