Жени ќе се тркаат низ Градскиот парк

 

На 6. април во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи 2-та Женската трка. Минатата година за прв пат беше организирана ваков вид трка. Таа е една од промотивните трки на Виз Ер Скопскиот Маратон 2014. Трката е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје. Целта на женската трка е превенција од заболувањата кај жените преку активно вежбање, но и привлекување на што поголем број жени да се вклучат во некоја од трките на Виз Ер Скопскиот маратон 2014.

Трката нема натпреварувачки карактер, сите учеснички што ќе ја завршат трката се победници. По завршувањето на трката е предвидена лотарија за учесничките и ќе бидат доделени награди од спонзорите по пат на лотарија.

Поддржувачи и промотори на трката се Искра Јовановска, која преку социјалните мрежи ја формираше групата за рекреативно трчање „Трчаме Заедно”, иницијатива за покренување на свеста кај жените за здрав живот преку рекретивно трчање и пејачката Викторија Лоба, која редовно практикува рекреативното трчање.

Трката ќе се одржи во недела на 6 април, а стартот е во Градскиот парк кај Школка. Во 10:30 почнува загревањето со аеробик вежби, а во 11 часот стартува трката. Ќе се трча 1.000 метри, односно еден круг околу Градскиот парк.

Заинтересираните може да се информираат на официјалната интернет страница на http://skopskimaraton.com.mk/zenska-trka/. 

Трките од овој карактер постојат насекаде низ светот со иста цел- подигање на свеста на жените дека не е доцна да почнеме со активност.

Оваа година Женската трка ќе биде дел од светските настани кои ќе се одржат на 6 април по повод Меѓународниот ден на спортот за развој и мир. Овој ден ќе се одбележува секоја година, почнувајќи од годинава, од земјите-членки на Обединетите нации и други партнерски организации во чест на важната улога на спортот во општеството преку поттикнување поздрав начин на живот, правејќи го спортот достапен за секого или користејќи го спортот како средство за развој во областите зафатени со конфликт, сиромаштија или нееднаквост.

Повеќе информации за Меѓународниот ден на спортот за развој и мир може да најдете на http://www.april6.org

04.04.2014 - 13:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега