Собрани 72 единици крв на крводарителската акција во кривопаланечката гимназија

Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка денеска  се одржа крводарителска акција на која од 9 до 16 часот беа собрани вкупно 72 единици крв.

Акцијата  ја организраа општинската организација на Црвен крст Крива Паланка и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, во соработка со СОУ „Ѓорче Петров“.

- Иако според дописот од Републичкиот Црвен крст на акцијата требаше да се собира крв исклучиво со негативен фактор, сепак, поради големиот интерес од вработените во гимназијата беа собрани крвни единици со двата фактора, истакна Свето Милановски, претседател на комисијата за крводарувања при ОО на Црвен крст и професор во ова средно училиште.

Милановски потенцираше дека на акцијата дарувале крв само ученици со навршени 18 години, а пред 7 години на крводарителска акција во „Ѓорче Петров“ поставен е рекорд на собрани крвни 168 единици крв.

- Ова е петта крводарителска акција за 2014 година и заклучно со денешната бројка до сега се собрани 332 крвни единици, што претставува 47 проценти од вкупно предвидените во Програмата за крводарувања за 2014 на кривопаланечката организација, истакна  Милановски. Поради тоа, рече  тој, бројот на акции во наредниот период ќе биде редуциран.

Следната крводарителска акција ќе се организира во соработка со Министерството за внатрешни работи од Крива Паланка, вработените во Полициската станица од општа надлежност од градот, Граничната и Шумската полиција.

28.03.2014 - 17:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега