Гази Баба ќе се збратими со турската општина Газиантеп
Градоначалниците на Гази Баба и на турската општина Газиантеп Тони Трајковски и Угур Асим Ѓузелбеј вечер ќе потпишат Меморандум за соработка. Двете општини треба да ја унапредат соработка во стопанството, туризмот, образованието, социјалната и здравствената заштита, културата, спортот и во други области од локалната самоуправа.
За таа цел денеска во посета на општина Гази Баба ќе допатува 50-члена делегација на Газиантеп, предводена од градоначалникот Угур Асим Ѓузелбеј. Турската делегација ќе ја прими градоначалникот Трајковски со локалната администрација и со членови на Советот. Пред гостите ќе се изврши презентација на општина Гази Баба, по што градоначалниците ќе потпишат Меморандум за соработка.
Соработката е по иницијатива на македонскиот амбасадор во Турција, Горан Таскоски.
- Збратимувањето и соработката меѓу општините Гази Баба и Газиантеп е со цел унапредување на традиционално добрите македонско-турски односи и продлабочување на меѓународна соработка на единиците на локалната самоуправа од Република Македонија и Република Турција, информираат од општина Гази Баба.
Одлуки за соработка и збратимување, советите на Гази Баба и на Газиантеп донесоа на 17 мај годинава.
ФОТО: МТВ