Успешно стартуваше со работа Државната кардиохирургија

 

Министерот за здравство, Никола Тодоров денес објави дека се направени првите кардиохируршки интервенциии во новоформираната УК за државна кардиохирургија што е огромен чекор напред во достигнување на едно повисоко ниво на работа и конкретна реализација на овој проект, кој е од интерес за граѓаните на Република Македонија.

-Интервенциите се извршени во хируршката сала на Клиниката за детска хирургија, а пост оперативниот третман продолжи во просториите на клиниката за анестезија , реанимација и интензивно лекување. Првиот пациент е на возраст од 63 години, со вградени ендо протези на двата колка и извршена операција на артериовенска малформација на мозокот кај кој при рутински преглед е откриено сигнификантно стеснување на аортната валвула. Опериран е и вградена му е валвула. Вториот пациент е на возраст од 61 година, примен на Клиниката во потешка општа состојба со повеќе коморбидитети (хронична опструктивна болест, дијабет) и вградени му се три коронарни артериски бајпаса. Оперативниот и постоперативниот тек на пациентите се сосема уредни, без компликации, нагласи Тодоров.

Двајцата пациенти биле оперирани изминативе денови. Првиот имал вродена маана на аортната валвула, која беше стеснета и со многу промени.Направена му е операција во која му е вградена механичка валвула. 

-Вториот пациент беше маж со дифузни промени на коронарните крвни садови, но и други останати болести. Тој беше еден тежок пациент. Му направивме троен бајпас, каде главната артерија на срцето е бајпасирана со артерија која се премостува и нормално тече на задната страна од градната коска. Останатите две артерии се премостени со вена извадена од ногата. Задоволни сме од резултатот, срцето си ја врати функцијата без помош на никакви лекови. Пациентот ќе има голем бенефит од операцијата, а срцевата функција во иднина уште повеќе ќе му се подобрува.Нашата цел е да создадеме добар тим и да го пренесеме нашето знаење и искуство. Целта е да создадеме тим кој ќе цели кон совршенство, во корист на пациентите во јавното здравство. Морам да им се заблагодарам на сите вклучени во овој проект. Ние сакаме да работиме по модерни стандарди и со најнова технологија и инструменти, од што најголема корист ќе имаат пациентите., рече Антонино Маруло, италијански кардиохирург.

Министерот Тодоров информираше дека во меѓувреме се почнати подготвителните работи за адаптација на просторот на клиникатата за Кардиологија каде во иднина ќе биде сместена универзитетската клиниката за државна кардиохирургија. Рокот на завршување на градежните работи е 2 месеца од потпишување на договорот.

22.03.2014 - 14:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега