Пешевски: Евидентни ефектите од инвестиците во индустриските зони

 

Ефектите на зголемено производство како резултат на инвестиците во индустриските зони, веќе се евидентни. Ова денеска го изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по денешната посета на „Ван хул“ во Бунарџик.

- Секогаш е задоволство да се види ваква голема фабрика и да се видат резултатите од политиките на Владата. Но, потребно ќе биде да донесеме уште вакви компании за конечно да се реши проблемот со невработеноста, рече Пешевски, кој во придружба на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Веле Самак, имаше средба со менаџментот на компанијата.

Во „Ван хул“ веќе работат 430 лица и се произведуваат автобуси за американскиот пазар. Предвидено е, наскоро, пласманот да се прошири и во Европа. Како што истакна Пешевски, засега реализацијата на инвестицијата нема никакви проблеми, ниту застој, но задача на Владата е да го следи прогресот на компаниите и максимално да помогне доколку е потребно, како и да ги прошири можностите за некој од добавувачите на фабриката да дојдат тука.

Министерот Самак напомена дека е исклучително горд на оваа инвестиција. Со оваа фабрика, посочи, повторно заживеа индустријата која замре пред повеќе од 10 години како резултат на транзицијата.

- Исклучително е значајно што само ова вложување има голем ефект на трговскиот биланс на Македонија кон САД. Воедно покажува дека ваквите странски инвестиции имаат поширок ефект и за вработувањето, како и за поблиските соработки на домашните со странски фирми, изјави Самак.

Сопственикот и извршен директор на компанијата Филип ван Хул изрази задоволство од македонските работници и нивната ефикасност.

- Среќни сме што инвестиравме во Македонија во соработка со Владата. Во употреба се веќе три од четирите производни линии и работат со полн капацитет. Извезовме 100 автобуси во САД. Во втората половина од годинава во нашиот произвдоен план ќе ги воведеме и моделите за европскиот пазар. Нашата интенција е во првата фаза да произведеме меѓу 400 до 500 возила годишно, рече Ван Хул.

„Ван хул“ почна со работа во јули минатата година, откако во 2012-та беше потпишан договорот со Владата за инвестицијата вредна 20 милони евра во ТИРЗ Скопје 1.

19.03.2014 - 14:06
Фото: 
вмро-дпмне.орг

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега