Груевски: Македонската Влада им помага на Ромите да имаат поквалитетен живот
Премиерот Никола Груевски денеска беше дел од Петтата конференција посветена на Ромите и Ромите бегалци што денеска се одржува во македонската Влада.
Во своето обраќање премиерот истакна дека на планот на вработувањето Ромите добиваат поддршка во повеќе програми за инклузивен раст како што се програмите за самовработување, за субвенционирање при вработување, за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, за организирање јавни работи,... како и повеќе други чии мерки и ефекти во изминатиот период помогнаа за вработување на голем број ромски граѓани.Нагласи дека во доменот на образованието значајно е што се оформи катедра на ромски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот Кирил и Методиј, како и повеќе проекти за инклузија на децата Роми од предшколска возраст, основно образование, средношколци и студенти. туторство и менторство на средношколците Роми,...
- Во сферата на домувањето и инвестициите во инфраструктурата беа реализирани многу проекти за изградба на патишта, водоводи и комунална инфраструктура. Секако еден од најзначајните е проектот за изградба на станови за социјални категории на граѓани во повеќе градови низ државата во рамките на кој повеќе станови беа распределени и на лица од ромско етничко потекло. Во доменот на здравството се реализира проектот Ромски здравствен медијатор преку кој се помага за информирање и едукација на ромското население за пристап до здравствени услуги и советување за подобрување на квалитетот на животот и промоција на здрав животен стил, како и остварување на правото за матичен лекар, стоматолог и гинеколог, наглас Груевски во своето обраќање.
Владата, потенцира, ја прифати и декларацијата за продолжување на меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите и ја подготвуваме ревидираната Стратегија за Ромите за периодот 2014-2020 година, која ќе биде во согласност со насоките на Европската стратегија 2020.
Министерот без ресор Неждет Мустафа појасни дека Владата во периодот од 2009 до 2013 година одвоила 2,464 милиони денари за финансирање на Декадата на Ромите, а од донатори се добиени дополнителни 1,248 милиони денари.
- Оваа Влада ја отвори вратата на вистинската имплементација на Декадата на Ромите и е единствена во целиот регион каде се спроведува Декадата што ги стипендира ромските студенти. Ги отвори вратите за инклузивноста на ромските деца во 13 градови, воведе здравствени медијатори во 11 градови и отвори 13 ромски информативни центри кои работат на ранливите ромски проблеми кои беа со децении отворени, рече Мустафа.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека Ромите се рамноправни граѓани на Република Македонија: - Ранливиот статус кој го имаат Ромите бара координирана и долгорочна стратегија на надлежните институции и сите инволвирани. Развојот на секоја држава зависи од директното учество на сите надлежни институции, сите организации, но и на граѓаните без исклучок, а за возврат таа создава еднакви можности за сите, рече Спасов.
Секретарот за европски прашања Јован Андоновски посочи дека имплементацијата на Декадата на Ромите е високо на агендата на Владата на Република Македонија.
- Тоа се покажува со фактот што во услови на криза беа преземени напори за зголемување на средствата во Буџетот на Република Македонија наменети за Декадата на Ромите, рече Андоновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа