Увидот во избирачкиот список почнува на 16 март - ДИК го донесе Роковникот за парламентарните избори

 

ДИК на денешната седница го донесе Роковникот за изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници да бидат доставени до највисокото изборно тело до 29 март, а жребувањето треба да се одржи на 3 април.

Јавниот увид во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори ќе стартува на 16 март и ќе трае до 30 март. Македонските државјани кои престојуваат или живеат во странство од вчера до 31 март ќе можат да поднесат барање за гласање на предвремените парламентарни избори. Повторно во земјите каде Македонија има свои дипломатско-конзуларни претставништва во весниците ќе биде објавен јавен повик за гласањето на овие избори. Дијаспората на предвремените парламентарни избори ќе гласа на 26 април, еден пред предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските од 7 до 19 часот.

Како што веќе објавивме, ДИК денеска  најде решение за поклопувањето на изборните кампањи. Наместо на 7. март, кампањата за парламетнарните избори, ќе започне на 5. април и ќе трае до 27. април, но, ќе биде прекината на 12. и 13. април поради предизборниот молк за претседателските избори. 

Со ова, ќе се обезбеди 20 дневна кампања за парламентарните избори и изборен молк за претседателските. 

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија задоволство од одлуката, бидејќи сметаат дека е во согласност со законот и е лесно применлива.

07.03.2014 - 13:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега