Сарачини: Бизнисмените да аплицираат за кредитите со субвенционирана камата од МБПР
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска апелира бизнисмените да аплицираат за кредитите со субвенционирана камата од Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).
- И во време кога комерцијалните банки се соочуваат со криза во кредитирањето, Владата преку кредити со субвенционирани камати преку МБПР постојано ги поддржува и им помага на малите и средните претпријатија, изјави Сарачини по посетата на хотелот „Њу Стар“ во индустриската зона Визбегово.
Според последните информации, додаде, компаниите досега искористиле 61 милион евра од последната кредитна линија од Европската инвестициска банка од 100 милиони евра со што се кредитирани над 200 проекти.
- Со реализирањето на целата сума од 100 милиони евра ќе бидат отворени нови 1.300 работни места. Ова покажува дека интересот за кредитните линии е голем од едноставна причина, поевтиниот извор на финансирање што во овој случај е каматна стапка од 5,5 отсто, посочи министерот.
За хотелот „Њу Стар“ е искористен кредит од 200 илјади евра. Со оваа сума, освен извршените инвестиции, како што нагласи Сарачини, отворени се и нови 20 работни места.
- МБПР располага со средства во секое време, била и ќе продолжи да биде во служба на компании со добри бизнис планови. Соработува со 12 комерцијални банки, а процедурата за аплицирање е едноставна. Претпријатијата треба да достават барање и да имаат добар бизнис план, истакна главниот оперативен директор на МБПР Бесим Билали кој го придружуваше Сарачини при посетата на „Њу Стар“.
Средства, рече, имало и секогаш ќе има. Досега се финансирани повеќе од 200 проекти со над 60 милиони евра, а останатите барања се во процес на проценување.
- Најдобар доказ е фактот што МБПР досега има искористено во целост две кредитни линии од 100 и 50 милиони евра од ЕИБ, а наскоро планира да повлече уште една линија, нагласи Билали.
Сопственикот на хотелот Џемаил Зеќири информира дека со заемот од 200 илјади евра се изградени и спортски терени. Веќе аплицирал за уште еден кредит и се надева на позитивен одговор.
Министерот Сарачини ги повика компаниите да ги искористат поволностите на МБПР зашто процедурата за земање кредити е едноставна и брза, трае највеќе 45-60 дена.