Родителите кои ги присилуваат децата да питачат можат да го загубат родителското право
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска истакна дека измените во Законот за семејтсво предвидуваат задолжителни лекарски прегледи, надзор и совети за родителство, времено одземање на детето од родителот, покренување постапка за одземање родителско право и кривична пријава за злоупотреба и занемарување на родителско право.
- Со новите измени на Законот за семејство кои стапија во сила оваа недела, на јасен, презициран и унифициран начин се уредува заштита на децата од злоупотреба од питачење и се овозможува недвосмислена грижа за спречување на злоупотребата на децата, рече Спасов.
Согласно измените наведувањето на детето на питачење или користење на детето за питачење ќе се смета за злоупотреба и грубо занемарување на вршење на родителските должности.
- Во случаите, кога центарот за социјална работа, ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, центарот за социјални работи ќе му укаже на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, и задолжително ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право, а ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и со детето. Доколку родителот на детето не постапи по укажувањата на центарот за социјална работа и повторно го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење, тогаш Центарот веднаш времено ќе го одземе детето од родителот, ќе покрене постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително ќе поднесе кривична пријава против родителот, а треба да обезбеди и згрижување на детето до донесување на конечната одлука на судот за одземање на родителското право, истакна министерот за труд и социјална политика.
Исто така, доколку родителот со наведувањето на детето на питачење или со користење на детето за питачење, го довел во опасност животот на детето, тогаш центарот за социјална работа е должен веднаш времено да го одземе детето од родителот, без претходно да му се изрече мерка надзор над родителско право.
- Во сите центри за социјална работа ќе има лице за координација и стручен тим кои ќе бидат постојано достапни и ќе интервенираат веднаш по пријавата од граѓани кои ќе можат и натаму да пријавуваат вакви случаи на бесплатната телефонска линија 15505. Веднаш по пријавувањето на информацијата таа ќе се проследи до тимот од Центарот за социјални работи кој и ќе излезе на терен и ќе ги превземе сите потребни мерки, рече Спасов.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2013 година во Скопје на улица се затекнати 27 деца, а во другите делови од Македонија 89 деца. Од тие 27 деца во Скопје, 12 се најдени сами, а 15 во придружба на родител или друго возрасно лице. Повторници се десет деца, одземено е родителско право за 5 родители, изречен е надзор над родителско право за 10 деца. Во згрижувачки семејства се сметени 7 деца, а едно во домот за доенчиња во Битола. Поднесени се 15 кривични пријави за занемарување на родителско право.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа