Зоран Заев побара поддршка за Стево Пендаровски

Претседателот на СДСМ,  Зоран Заев на денешното обраќање на 16. Конгрес  ги повика партиските членови, но и граѓаните да го поддржат Пендаровски да биде избран за претседател на државата.

- Стево Пендаровски е човек со став, достоинство со личен професионален и морален интегритет и кредибилитет, човек од народот и мудар човек. Во важни моменти за државата учествуваше во донесувањето на најтешките одлуки што го вратија мирот, безбедноста и просперитетот на Македонија. Тој е човек кој ужива углед и дома, во нашата земја, но и во светот, кој ќе ги претставува интересите на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната верска, национална, политичка и друга припадност, рече Заев.

Лидерот на партијата  Заев обвини дека на граѓаните им е загрозена егзистенцијата, а мнозинството се потонати во сиромаштија.

Според него Македонија е изолирана држава и како што наведе, како во пајакова мрежа е заплеткана иднината на државата и перспективата на младите.

- Се сеќавате дека само неколку години по немилиот конфликт тогашната Влада на СДСМ ја донесе Македонија до кандидатски статус во ЕУ. Тогаш земјата беше дури и чекор пред Хрватска, а сега е далеку и зад Србија, БиХ и Косово, рече Заев.

Целта на СДСМ, како што нагласи, е да продлжи да ја гради, европската и просперитетна иднина на Македонија.

- Да застанеме рамо до рамо со граѓаните и да ги поведе во победничка битка за спас на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ, додаде Заев бара одредена бројка пратеници, но изминатите години ги  имаше посакуваните бројки, нивни се речиси сите градоначалници а имаат и претседател на државата, но како што обвини не реши било какво прашање за државата.

По обраќањето на Заев Конгресот продолжи со работен дел кој е затворен за медиумите, по што се очекува обраќање да има кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски

04.03.2014 - 20:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега