Приведени осум лица за кражбата во Музејот - еве ги деталите

 

Полицијата денеска приведе и изврши претреси кај осум лица за кражбата на предмети со непроценливо значење во Музејот на Македонија. Како што претходно дозна Пресс24, осомничен е и Паско Кузман, поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство.

На денешната прес - конференција портпаролот на МВР, Иво Котевски, информираше дека не е исклучено случајот да се прошири и со други лица затоа што МВР е во тесна соработка и координација со Јавното обвинителство и постапува по нивните наредби. Како што информира Котевски, при досегашните претреси пронајдени се 4 керамички икони, 3 керамички ламби, една керамичка монета, една глава на женска фигура на постоље, повеќе сребрени и бронзени фигури, повеќе монети и керамички археолошки предмети, една бронзена монета, дрвена маска и стрела, 8 археолошки предмети, метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок и голем број други предмети.

Котевски посочи дека се работи за службени лица (програмски директор, виш кустос, ракувач на депото, поранешниот и актуелниот директор на Музејот) од Скопје и од Охрид, како и златар кој е осомничен за „поттикнување“. Паско Кузман е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј-Охрид  при што е изготвен реверс за повеќе копии на кои е потпишан в.д. директорот на музеј на Македонија, додека на една копија на која рачно се потпишани и двајцата, е евидентирана забелешка дека не се враќаат 14 подигнати предмети, туку само 5 археолошки предмети со реверс.

Основното јавно обвинителство Скопје, во меѓувреме побара спроведување на истражна постапка и притвор за лицата В. З., К.С.С, Ј.П., К.Ч., К.П., К.Ј., К.Д., Е.А. поради основано сомневање дека од ноември 2011 година до октомври 2013 година сториле повеќе кривични дела поврзани со исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија.

 

27.02.2014 - 15:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега