Николоски бара од ПССЕ да ја зачува општината Пустец
Потпретседателот на Мониторинг комитетот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), Александар Николоски испрати писмо до Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комисијата на ПС на СЕ и до членовите на Мониторинг комитетот, поврзано со мониторингот врз Албанија и идејата на албанските власти за укинување на општина Пустец.
Писмото е во пресрет на претстојниот состанок на Мониторинг комисијата во Малта на 27 и 28 февруари 2014 година, на кој ќе се разгледува Извештајот за исполнувањето на обврските и заложбите на Албанија, односно Извештајот за мониторинг врз Албанија, преземени при приемот во Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Николоски, кој во писмото информира дека нема да биде во можност да присуствува на на состанокот, бара во текот на расправата по точката за Албанија, членовите на Мониторинг комисијата да посветат внимание на неколку факти.
- Би сакал да Ве информирам дека во Република Албанија постои општина Пустец, во која живее македонско малцинство и која брои 5.300 жители. Со оглед дека во Предлогот на законот за новата територијално-административна поделба на Албанија се предлага општините да бројат најмалку 10.000 жители, предвидено е припојување на оваа општина кон друга. Доколку општината Пустец, според Предлогот на законот за територијално-административна поделба, се припои кон друга општина, Македонците стравуваат дека ќе ги загубат сите елементарни права на едно малцинство, бидејќи новата општина ќе има доминантно албанско население, стои меѓу другото во писмото од Николоски.
Според него, новата општина ќе биде со голема територија и население што ќе значи покомплицирана процедура за вршење на основните функции. Населението, подвлекува, ќе треба да патува повеќе десетици километри за најосновни услуги или документи кои ги издава општината.
- Ќе се согласите дека во услови кога се прави глобален напор општините да се сервис на граѓаните и да ги намалат административните процедури, една ваква промена сериозно ќе влијае и врз економската благосостојба на и онака сиромашното население од Општина Пустец и покрај етничка ќе значи и економска емиграција, вели во писмото Николоски.
Ова решение, нагласува тој, би можело да го засили процесот на асимилација на македонското малцинство во Албанија и да доведе до намалување на нивните и така минимални права, како и уништување на културниот идентитет на етничките Македонци.
- Општината Пустец отсекогаш била единица на локалната самоуправа во која мнозинство биле Македонците и тие се надеваат дека тоа така и ќе остане. Уште повеќе што и актуелниот градоначалник на општината е Македонец, вели Николоски во писмото.
Тој изразува надеж дека Шенах ќе се согласи со него дека постоењето на малцинствата и различните култури е историски факт, а демократските општества треба да ги толерираат, штитат и поддржуваат националните малцинства во согласност со принципите на организацијата и меѓународното право.
За таа цел, Николоски ги повикува членовите на Мониторинг комисијата на ПС на Советот на Европа да се заложат албанските власти да ги спроведуваат неопходните реформи во делот на локалната самоуправа, но притоа да бидат внимателни да не ги загрозуваат правата на националните малцинства.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа