Македонија и БиХ ќе ја интензивираат економската соработка

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов синоќа на Јахорина одржа средба со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, и Небојша Радмановиќ.

На средбата, претседателот Иванов изразил благодарност за севкупниот ангажман на властите во Босна и Херцеговина за достоинствено одбележување на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата.

-Претседателот Иванов и членовите на Претседателството на БиХ разменија мислења и информации за билатералните односи и соработката, како и за актуелните политички и економски состојби во Република Македонија и Босна и Херцеговина. Двете држави имаат исклучително блиски и пријателски односи, негуваат традиционално пријателство со висок степен на взаемно разбирање и меѓусебна поддршка, а билатералната соработка има позитивна динамика, беше взаемно заклучено на средбата, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.

Во контекст на економската соработка, соговорниците констатирале взаемен интерес за нејзино натамошно интензивирање, но и дека обемот на истата, воопшто не кореспондира со можностите и капацитетите на двете економии. Договорено е фокусот на вниманието во наредниот период да биде ставен на зголемување на обемот и содржината на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Иванов потенцирал дека забрзаната интеграција, наместо одржување на статус кво состојбата, е рецепт за европеизација и обезбедување трајна стабилност и просперитет на Балканот. Република Македонија е подготвена и спремна со Босна и Херцеговина како и со сите останати земји од регионот на ЈИЕ да соработува, да споделува искуства и поддршка за исполнување на таквата цел, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов денеска ќе ја предводи државната делегација на одбележувањето на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата во Ротимље.

 

26.02.2014 - 09:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега