Груевски: Енергетиката и транспортот се нашите идни приоритети
Иднината на регинот е во ЕУ, а меѓусебната соработка е неодминлив дел од тој процес. Заедничко искористување на економскиот потенцијал на регионот и привлекувањето можни инвеститори е патот до економскиот раст во регионот. Преку регионална соработка земјите на практичен начин го изразуваат единството кој го води регионот во ЕУ и до европските стандарди и практики на соработка, пренесува државната МИА.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски денеска на конференцијата во Лондон во оганизација на ЕБОР на која учествува заедно со колегите од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Албанија и Косово.
Тој потенцира дека регионот е поволна инвестициска дестинација и посочи дека во изминатите години оствари напредок во смисла на стабилност, безбедност, приближување кон фундаментални економски реформи. Рече дека сето тоа време ЕБОР беше еден од најголемите поддржувачи на регионот инвестирајќи над 10,5 милијарди евра.
- Во изминатите години Владата на Реублика Македонија спроведе длабоки политички, економски и социјални реформи. Во економскиот дел тие беа насочени кон изнаоѓање решенија за клучните предизвици - одржување на макроекономската стабилност, отворање нови работни места, намалување на невработеноста, одржување соодветно ниво на фискалниот и буџетскиот дефицит, подобрување на бизнис опкружувњето и инестициската клима, зголемување на извозот и туристичка промоција, рече премиерот Груевски.
Истакнувајќи дека регионалната соработка во областа на инраструктурата и транспортот е основата за поттикнување на целокупниот економски и социјален развој на земјите во регионот, напомена дека почна изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Скопје-Штип со поволен кредит од Кина, како важни сегменти на Коридорот 8, а во март дека ќе почнат градежните активности за реконструкција на железницата долж овој коридор кон границата со Бугарија, финансирани преку ЕБОР.
Во врска со Коридорот 10 информира дека во тек е изградбата на последната делница во должина од 28 километри кофинансиран од ЕК, а кој треба да се комплетира во 2016 година.
- Кога се зборува за иднината, енергетиката и иновативноста ја имаат нашата поддршка. Ова за нас се приоритетни проекти. Почнавме со проектите и сме сконцентрирани на нивно завршување и комплетирање во следните неколку години. Чебрен и Галиште и Вардардарска долина се дел од нашите приоритети. Енергетската ефикасност е едно нешто што е постојано на листата на нашите приоритети. Наша визија за овој сектор е ефикасно да се користи енергијата и тоа преку границите, рече премиерот Груевски.
Додаде дека Македонија во енергетиката, со потпишување договор со Руската Федерација за приклучување на Македонија во меѓународниот гасоводен проект Јужен тек, ќе добие долгорочна енергетска стабилност и оти комплемтарното со ова е проектот за изградба на гасна инфраструктура во РМ за што ќе се направи обид да се обезбедат средства, меѓу другото, и преку ЕБОР.
Меѓу проектите во енергетиката ја напомена и изградбата на првиот ветерен парк со што ќе се обезбедат дополнителни количества електрична енергија. – Наскоро треба да започне градбата на 400 киловолтен далекувод РМ- Србија, ја завршуваме студијата за изградба на 400 киловолтен далекувод од Битола до албанската граница, кој треба да се изгради до 2017 година. Изградбата на ХЕ Бошков мост како стратегиски енергески проект, вреден над 100 милиони ера, треба да почне годинава и да заврши во 2016 година, со пари обезбедени и од ЕБОР, рече Груевски.
Тој додаде дека членството на Македонија во ЕУ е нашата стратегиска цел и од овој аспект ние работиме на сите потребни подготовки за комплетирање на овој процес.
Претседателот на ЕБОР Сума Чакрабати истакна дека ЕБОР го поддржува економскиот напредок во регионот и оти ЕБОР е банка која инвестира во регионот и затоа е убедена во неговиот потенцијал.
Минатата година ЕБОР инвестираше во повеќе од 80 проекти во Западен Балкан 1,2 милијарди евра. Досегашната вкупна инвестиција на ЕБОР во регионот во сите овие години е околу 10,5 милијарди евра.
ЕБОР во Македонија е активна од 1993 година и е еден од најголемите инвеститори во земјата. Заклучно со јуни 2013 година има одобрено 82 проекти со вредност од 2.174 милиони евра. Најголемиот дел или 56 проценти од проектите се во инраструктурата, 26 во енергетиката, 11 во финансискиот сектор и 6 проценти во индустријата, трговијата и агробизнисот.
Премиерот Груевски во текот на попладневните часови ќе се сретне со членови на Домот на лордовите на Парламентот на Обединетото Кралство каде ќе се разгледаат можностите за јакнење на британската поддршка во европските и евроатланските интеграции
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа