Цигарите поскапуваат по 40 денари за една кутија
Во јули годинава кутија цигари се очекува да поскапе за околу четири денари, а до 2023 година се очекува цената на една кутија цигари да биде повисока за 40 денари во однос на сегашната.
Согласно новите регулативи за акцизи на цигарите, расте цената на ова „задовлство“ за граѓаните на Македонија. Според анализата на весникот Дневник, од 1 јули 2014 година, стапката на специфичната и минималната акциза на цигарите ќе се зголеми за 0,15 денари за цигара, а од 1 јули 2016 година заклучно со 1 јули 2023 година, пак, оваа стапка цигарите ќе се зголемува за 0,20 денари за парче во секоја година. Пресметките на весникот покажуваат дека секоја година цигарите ќе поскапуваат во просек по 4 денари за кутија, што значи дека до 2023 година, една кутија што денес се продава за 40 денари ќе чини 90 денари.
Со измените на Законот за акцизите кои се во собраниска процедура се предвидува производителите и увозниците на тутун да ги пребројат резервите во нивните складови и кај дистрибутерите и да ја пресметаат новата акциза од 1 јули годинава. Тие што нема да ги пребројат резервите може да бидат казнети со глоби до 15.000 евра. Покрај тоа, тие ќе мора да ја пресметаат новата акциза на тутунска стока на денот на зголемувањето на акцизата и ако таа на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, се должни врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа