Грците во САД гневни кон конгресмените кои ја поддржаа Македонија

 

Грчката заедница во САД реагира откако 40 американски конгресмени се потпишаа на писмо упатено до државниот секретар Џон Кери, во кое се бара прием на Македонија и Црна Гора во НАТО на претстојниот септемвриски самит. Грчките групи во САД најмногу се разочарани од потпишувањето на писмото од страна на Елиот Енгел од Њујорк, прв демократски конгресмен во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.

- Енгел традиционално беше наш силен поддржувач на прашањата кои им се важни на грчките Американци, особено по прашањето на Кипар. Особено сме разочарани што писмото ја доби поддршката на Елиот Енгел, Албио Сајрс, и Грејс Менг, членови на Комисијата за надворешни работи кои се и членови на групата за пријателство со Грција во Конгресот и кои беа големи поддржувачи на нашата заедница во минатото, вели Ник Ларигакис од Американскиот елинистички институт, една од грчките групи кои дејствуваат во САД. Енди Манатос, директор на лоби фирма во Вашингтон кој ги застапува грчките интереси во САД, изразува надеж дека Енгел ќе продолжи да ги поддржува и грчките интереси по спорот за името.

- Пред секој самит на НАТО има акција во Конгресот за да се промовира приемот на БЈРМ во НАТО. Писмото само по себе не е необично, но разочарува тоа што првиот демократски член на Комисијата за надворешни работи Енгел и значителен број членови на Комисијата и на групата за пријателство со Грција се потпишаа на писмото. Можеби ова е повик на
будење за нашата заедница, дека нашите пораки не допираат до некои од членовите на Конгресот, вели Ентони Кузунис, од грчката организација АХЕПА.

Од Стејт департментот не реагираат јавно на упатувањето на писмото, во кое се бараше да се потврди перспективата земјите од источна Европа кои се аспиранти за членство во НАТО, и се предупредува дека доколку НАТО не ги награди вложените напори на земјите, тоа може да ја ослабне нивната посветеност. Американската дипломатија, освен на Украина, во Европа е фокусирана и на обидот да се реши спорот за Кипар, што би овозможило искористување на ново-откриените кипарски резерви на гас. Ова значи дека и грчките организации во САД мораат да ги фокусираат своите ресурси и вниманието при контактите со американските политичари пред се на ова актуелно прашање.

Самитот на НАТО ќе се одржи во велшкиот град Њупорт во септември, и тоа во атмосфера во која кризата во Украина повторно го врати прашањето на проширувањето на Европската Унија и НАТО на првото место на вниманието во Вашингтон и Брисел. Максимилијан Телеки, претседател на Унгарско - американската коалиција која неодамна упати поддршка за прием на Македонија во НАТО, вели дека САД ќе мораат да се ангажираат да ја зачуваат Источна Европа подалеку од руската сфера на влијание.

- Во Сирија и во Украина гледаме дека Русија се обидува да го прошири својот круг на влијание. НАТО се редифинира и разбира дека ќе може да постигне повеќе ако прими повеќе членки кои ги делат нашите вредности. Македонија, Црна Гора, Грузија, Украина, секако ги делат истите вредности. Македонија заслужува да биде не само дел од НАТО, туку таа и де факто е членка на НАТО, со тоа што дава значителни придонеси кон Алијансата и затоа заслужува да го добие своето место на масата. Во нашите контакти, во соработка со Обединетата македонска дијаспора, во средбите во Белата куќа, ја промовираме потребата НАТО да продолжи да расте и да биде релевантен и во 21 век, кога се соочуваме со заеднички закани, а ние сме луѓе со заеднички вредности, вели Телеки. Неговата организација, која ги застапува интересите на 1,8 милиони Американци со унгарско потекло, била формирана да го поддржува ширењето на НАТО кон Унгарија и другите поранешни членки на Варшавскиот пакт.

Според претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски, администрацијата на претседателот Барак Обама посветува големо внимание на своите контакти со организациите на етничките заедници во САД, при што и Македонија е застапена. На последната ваква средба на почетокот на февруари присуствуваа и шефот на кабинетот на Обама Денис Мекдоноу и заменикот советник за национална безбедност Бен Роудс.

- Досега најмалку шест пати се организирани собири во Белата куќа со голем број организации на етничките заедници. На овие средби имав можност да ја поставам Македонија како прашање и да се заложам за неопходноста од прием на Македонија и другите држави од Југоисточна Европа во НАТО, вели Колоски.

24.02.2014 - 10:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега