Слаѓана Тасева и Драган Малиновски ќе го "чешлаат" „Скопје 2014“

 

Од денеска почнува да работи Комисијата, која  за 90 дена треба да ги соопшти  прелиминарните резултати од ревизијата  за проектот „Скопје 2014“. За 6 месеци треба да биде готов и комплетниот извештај.

Членови на Комисијата се еминентните експерти, поранешни претседатели на Комисијата за спречување на корупцијата, Слаѓана Тасева и Драган Малиновски.

Ревизијата, најави градоначалникот Андреј Жерновски, ќе се одвива на три нивоа. Освен Комисијата, во понеделник ќе го повика Државниот завод за ревизија да влезе и да направи контрола на проектот „Скопје 2014“ во делот на општинатa, а планира и да ангажира и реномирана ревизорска куќа.

-Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, како поранешни претседатели на Антикорупциската комисија и непартиски луѓе се гаранција за фер и непристрасна ревизија. Ова беше и едно од моите централни ветувања во предизборието, дека ќе се направи ревизија. Ова не го правам поради политички реваншизам, туку поради транспарентност и отчетност, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Сите податоци околу текот на ревизијата ќе им бидат достапни на јавноста и граѓаните“, рече градоначалникот Андреј Жерновски.

Слаѓана Тасева рече дека процесот и работата ќе бидат врз основа на законите.

-Ќе работиме врз основа на документите, ќе има апсолутна транспарентност. Во секој момент ќе може да знаете што работиме, рече  Тасева.

-Во изминатиот период граѓаните беа хендикепирани, бидејќи немаа информации  колку пари и како се тршени парите за проектот „Скопје 2014“. Ова е обид за повторно воспоставување на транспарентноста. Ние нема да санкционираме, туку ќе ја констатираме состојбата, рече  Драган Малиновски.

Прес  конференцијата  се одржа  во една од просториите на  трошната барака на општина Центар, каде има купови кутии и документи, како што стои на нив за проектот„Скопје 2014“.  Во таа просторија, веднаш зад канцеларијата на градоначалникот има и врата за излез надвор. Ова е единствена ваква  канцеларија со сопствен влез и излез, кој води до оградата на општината.

 

најчитано сега