Венизелос ја заврши балканската турнеја со посета на Тирана
Со денешниот престој во Тирана и средбите со албанскиот државен врв грчкиот заменик премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, ја заврши неговата балканска турнеја.
Венизелос во рамки на турнејата посети шест балкански земји, вклучувајќи го и Косово, кое Грција сеуште го нема признато.
По средбите со премиерот Еди Рама, шефот на државата Бујар Нишани, со колегата Дитмир Бушати, Венизелос на прес конференција изјави дека за грчката влада приоритет е добивање на кандидатски статус на Албанија во јуни годинава, за што вети и целосна подршка.
-Задоволство ми е да ја повторам, мојата официјална изјава за европската перспектива на Албанија. Давањето кандидатски статус на Албанија, е приоритет за грчката влада. За нас тоа е многу важно не само во рамки на билатералните односи, туку и од регионален аспект, затоа што за нас главен приоритет е регионалната стабилност и зајакнувањето на регионалните амбиции за интеграција на сите земји од балканскиот полуостров, изјави Венизелос.
На средбата со претседателот на Албанија Бујар Нишани тој истакна дека власта и опозицијата треба што побрзо да ги спроведат реформите, бидејќи можностите за добивање кандидатски статус во јуни се големи.
Беа отворените и прашањата за морската граница и користењето на топонимите од страна на Албанците родени во Грција на нивните пасоши, затоа што топонимите на грчките населени места се напишани на албански јазик, а Грција не ги признава и често ги враќа носителите на пасоши со такви топоними.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа