Почна реконструкцијата на граничниот премин „Богородица“

 

Официјално стартувааа градежните активности за реконструкција на управната зграда и придружните објекти на граничниот премин „Богородица“, кои се реализираат во рамки на проектот „Развој на граничната инфраструктура помеѓу Република Македонија и Република Грција“ финансиран од фондовите на ЕУ преку програмата за прекугранична соработка.

- Реализацијата на овој проект претставува придонес кон олеснувањето на движењето долж Пан европскиот Коридор 10, но и придонес кон олеснување на прекуграничниот промет, скратување на царинските формалности, подобрување на условите за работа на царинските службеници и за попријатен престој на граничниот премин, рече директорот на Царинската управа Наташа Радеска Крстевска.

Според Радеска Крстевска, проектот позитивно ќе влијае врз олеснување на комуникацијата на населението од пограничните општини и дека претставува дополнение кон воведувањето на новиот компјутеризиран транзитен систем на ЕУ во Република Македонија кој ќе ги олесни царинските постапки преку електронско поднесување документи за транзит.

Како што истакна првиот човек на македонската Царина, реконструкцијата претставува придонес кон остварувањето на стратешките приоритети на Владата во олеснувањето на меѓународната трговија, но и кон надградба на оперативните капацитети на Царинската управа и придонес за зближување и поврзување на луѓето, културите и нивното подобро разбирање.

Радеска Крстевска најави дека наскоро, со финансиска помош од ЕУ ќе бидат реконструирани и царинските премини Табановце, кон Србија и Ќафасан кон Албанија.

Магдалена Шарламанов, проект менаџер на Делегацијата на ЕУ рече дека ЕУ веќе 20 години ја поттикнува реализацијата на стратешките цели во областа на подобрувањето на прекуграничниот економски развој кој меѓу другото се промовира преку мерки за економски развој, олеснета прекугранична комуникација и промоција на одржлив туризам. 

Таа истакнадосега се инвестирани 15 милиони евра во вкупно 38 вакви проекти.

ФОндовите на ЕУ и Владата на Република Македонија одвоија 193.000 евра за реконструкцијата на граничниот премин Богородица. Реконструкцијата на управната зграда со придружните објекти на граничниот премин Богородица ќе заврши за три месеци.

21.02.2014 - 12:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега