Што им рече Венизелос на новинарите по средбите во Скопје?

 

Добрососедските односи се поврзани и со отвореното прашање за името и со билатералните односи на земјата со другите земји, како Бугарија. Тие се, исто така, поврзани со меѓународното право, и резолуциите на Советот за безбедност на ОН во однос на името, истакнал шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос за грчки новинари по вчерашните средби со македонскиот државен врв во Скопје.

Венизелос, кој е на турнеја низ Западен Балкан во својство на претседател на Советот на министри за време на грчкото претседателство со Европската унија, рекол дека оваа улога „го обврзува да зборува во рамките на одлуките донесени од страна на Европскиот совет во декември за европската перспектива на Македонија“.

- Затоа јас јасно им ставив до знаење на моите домаќини дека се должни да ја прифатат оваа рамка и заеднички став на Советот, кој се фокусира на добрососедските односи, рекол тој.

Тој зборувал и за „големата важност за примена на одлуките од Охридскиот договор во односите меѓу двете заедници, особено во врска со статусот на албанската заедница, и да се применува договорот постигнат на 1 март 2013 година меѓу партиите, затоа што проблемот на демократијата, владеењето на правото и на човековите права е многу важен и секогаш отворен“.

На средбата со премиерот Никола Груевски, соговорниците заклучиле дека „треба интензивно да ја искористат постоечката процедура која се води со посредство на Метју Нимиц, во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН“.

- Груевски ми повтори дека неговата земја нема територијални претензии и не демонстрира никаков иредентизам. Ова е важно, но треба да се претвори во креативен став во врска со името, изјавил Венизелос по средбата.

На билатерално ниво било разговарано за можностите за соработка во енергетскиот сектор, инвестициите и трговијата, и особено во меѓуграничната соработка која може да се финансира од фондови на ЕУ.

- Двете економии се меѓусебно поврзани во голем степен. Ние сме многу заинтересирани за внатрешната стабилност и западната ориентација на земјата, бидејќи тоа ќе влијае на стабилноста во поширокиот регион на Западен Балкан, рекол Венизелос. 

21.02.2014 - 09:21
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега