Груевски договори поинтензивна соработка со Општата болница на Виена

 

 

Премиерот Никола Груевски кој денеска е во работна посета на Австрија, ја посети Општата болница на Виена-АКХ.

- Со Државната универзитетска  болница во Виена, една од најдобрите во Европа напредната во многу области почнавме одредена соработка кога испративме лекари на обука во областите поврзани со патологија. Меѓутоа сега сакаме да ја прошириме соработката и во други области, рече премиерот Груевски по посетата на болницата.

Соработката, како што рече би требало да се прошири во областите каде што болницата има најголем прогрес односно во лекување на канцер, бидејќи АКХ има напреден центар за лекување на оваа болест, но и во други области на трансплантации пред се на трансплантација на црн дроб, срце и бели дробови.

- Ќе се  фокусираме на овие делови, бидејќи ова е болница која може многу да помогне во тој дел, истакна Груевски.

Професор доктор Томас Солиман од Универзитетската клиника рече дека соработката со Македонија на ова поле е секогаш добредојдена, посочувајќи дека во оваа болница постојано се обучуваат кадри од повеќе земји.

- Соработката со Македонија е во повеќе области пред се размена на студенти, доктори. Сите се добредојдени, рече Солиман додавајќи дека секогаш се отворени за соработка.

Премиерот Груевски попладнево ќе има средба со австрискиот канцелар Вернер Фајман. Билатералните односи, европските и евроатлантските интеграции, можноста за зголемување на економската соработка меѓу двете земји ќе бидат дел од темите за кои ќе разговараат Груевски и Фајман.

 

18.02.2014 - 15:33
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега