Четириесет конгресмени бараат Македонија да биде дел од НАТО семејството

Група од 40 американски конгресмени се потпишаа на писмото, подготвено од конгресмените Мајкл Тарнер и Елиот Енгел со кое се бара прием на Македонија и Црна Гора во НАТО.

- Со наближувањето на самитот на НАТО во Британија, ве повикуваме да ги продолжите напорите за проширувањето да биде клучен приоритет за САД и за алијансата. Сметаме дека САД треба да продолжи со тесна соработка со аспирантските земји Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со другите земји од средна и источна Европа, кои бараат поблиски односи со САД и со НАТО. Во 25-те години по крајот на Сутдената војна, земјите од централна и источна Европа побараа независност, демократија и партнерство со САД и со НАТО. Низ разните програми за соработка, главно водени од НАТО, беа спроведени значителни реформи и обезбеден голем економски раст, поодговорно управување и владеење на правото за милиони Европејци, а во изминатите две децении духот на колективна безбедност на НАТО беше темелникот на стабилноста во регионт. Цврсто веруваме дека искрената перспектива за членство во НАТО за оваа актуелна група земји – аспирантки дополнително ќе ги засили демократските институции и вредности и ќе ја зголеми стабилноста и безбедноста во регионот, стои во писмото.

Конгресмените предупредуваат на опасноста од притисоци врз земјите – аспирантки од страна на ‘надворешни сили кои сакаат да го поделат континентот и да ја поткопаат посветеноста на визијата за обединета, слободна и мирољубива Европа’.

- Доколку не успееме да ги признаеме и наградиме значителните вложени
напори, можно е земјите – аспирантки да се откажат од натамошно спроведување на демократски реформи и да ослабне нивната посветеност
кон влегувањето во партнерски односи со евроатланските институции. Соединетите Американски Држави со нашите сојузници се пред клучна точка во која е неопходна акција за да се обезбеди идната релевантност
и одржливост на НАТО, пишува во писмото, кое освен од Тарнер и Енгел е потпишано од конгресмени како Том Котон, Кендис Милер, Бил Паскрел,
Роберт Адерхолт, Френк Волф, Алси Хејтингс и други конгресмени скоро еднакво поделени меѓу Републиканската и Демократската партија.

Обединетата македонска дијаспора го поздравува испраќањето на овој вид отворена поддршка за НАТО аспирациите на Македонија до Стејт департментот.

- Не можеме доволно да им се заблагодариме на конгресмените Тарнер и
Енгел, двајца силни пријатели на Македонија и на регионот, но пред се и огромни поддржувачи на проширувањето на НАТО, за тоа што го одржуваат ова важно прашање во живот и го промовираат пред американската администрација во пресрет на самитот на НАТО. Тоа што писмото го потпишаа 15 членови на Комитетот за надворешни работи, седуммина од поткомитетот за Европа и десет членови на Комитетот за одбранбените сили, покажува дека расте поддршката за проширувањето на НАТО во време кога САД и НАТО ја преиспитуваат иднината на Алијансата, изјави Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора.

 

11.02.2014 - 09:28
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега