„Прво интервју за работа, што се треба да се знае“

Koнференција „Прво интервју за работа, што треба да се знае“ денеска се одржува во Скопје, во организација на претставиштвото на Стопанската комора на Германија во Скопје, Агенцијата за привремено вработување „Анторис“ и Комитетот на германското стопанство за Источна Европа.

Претставници на компаниите и на агенции за привремени вработувања на конференцијата пред студенти кои волонтирале во Германија им укажуваат на можностите за вклучување на пазарот на труд.

Директорот на „Анторис“,Ирена Несторовска, истакна дека пазарот на труд  во Македонија е комплексен и на младите треба да им се помогне при аплицирање за работа.

- Секоја фирма бара различни квалификации и искуства, а младите претежно се неквалификувани и непрофесионално се однесуваат на интервјуата за работа. Однесувањето на првичното интервју е многу важно за  вработувањето затоа што тука го оставаат првиот впечаток, рече Несторовска.

Според неа, за младите е корисна помошта  како да состават своја кратка биографија и да се подготват за интервју за работа.

- Располагаме со база на членови кои активно  бараат работа, постојано правиме обуки, ги советуваме младите членови како да се однесуваат  на интервјуто за работа, како да ги состават своите документи за аплицирање, кодекс на однесување и облекување, коишто во нашите услови се потребни, истакна Несторовска.

Претставникот на Стопанската комора на Германија, марија Радевска истакна дека освен стручните квалификации на младите им е потребно охрабрување и подготовка за првото работно место.

- Веќе седум години организираме стипендиска програма за млади луѓе, кои одат на пракса во врвни германски компании. По нивното практично искуство таму и работа на реални проекти во реални тимови, се враќаат во Македонија, со стекнато  квалитетно стручно знаење, но без знаења како практично  да настапиме на пазарот на труд, што се прави на интервјуто за работа, а што не, истакна Радевска. Според неа, младите треба да бидат подготвени за тестовите што се почесто се користат денес при регрутацијата на кадар, од психилошки тестови до тестови за знаење.

Анкетата меѓу германските компании инвеститори во Македонија, рече Радевска, покажува дека секоја година има се повеќе компании што се задоволни од работната сила на македонскиот пазар на труд, но оти сепак мора да вложуваат дополнително во нивната доедукација.

06.02.2014 - 11:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега