Почнува хемиската кастрација на педофилите во Македонија

Maкедонските пратеници ги изгласаа измените на кривичниот законик со кои се овозможува старт на хемиската кастрација на педофилите.

Измените за кривичното дело обљуба, кај основниот облик на педофилија, предвидуваат казната затвор наместо 8 години, да се зголеми на најмалку 12 години. Кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, настапила тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, сега се предвидува минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор. Досега, за ова кривично дело беше предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Со измените се воведува медикаментната терапија позната како хемиска кастрација, односно специјални вакцини кои педофилот ги добива на секои од три до шест месеци, а кои го неутрализираат неговото либидо и нагон. Хемиската кастрација ќе биде задолжителна само за повратниците-педофили додека за останатите е предвидено намалување на казната и за половина доколку се согласат да ја земаат терапијата. За педофилите осудени на доживотен затвор е предвидено казната да се намали на 40 години доколку се подложат на хемиска кастрација. Педофилите кои се осудени на затворски казни до 20 години ќе треба да ја примаат терапијата до крајот на животот, а за возврат ќе добијат минималната казна затвор, односно 12 години. Новите измени предвидуваат судот да има право да одлучи до кога би траело лекувањето, но и да донесува одлука за присилно лекување.

Педофилите ќе ја добиваат фармаколошката терапија во специјализирани здравствени установи. По издржувањето на затворската казна, тим од Управата за извршување на санкции ќе го врши надзорот и ќе има обврска најмалку на секои шест месец да го информира судот за напредокот, односно потребата за продолжување или прекинување на терапијата.

Македонија е единствена земја во регионот која ги направи овие измени.

06.02.2014 - 10:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега