Околу дваесет демонстранти и полицајци повредени на протестите во Тузла

 

За време на денешните работнички протести во босанскиот град Тузла околу 20 демонстранти и полицајци се повредени во судирите организирани поради незадоволството на работниците од начинот на приватизација на нивните фабрики.

Освен што поставија блокади на приодот кон судот и обвинителството, демонстрантите се обидоа да упаднат и во зградата на кантоналната Влада, при што се судрија со полицијата. Тие со камења ја гаѓаа зградата и ги искришија речиси сите прозорци.

Дел од градот беше блокиран, од реонот околку кантоналната Влада се креваше густ чад од запалени гуми, а по улиците беа расфрлени контејнери.

Работниците на „Коњух“, „Полихема“, „Полиолхема“, „Дите“ и „Гуминг“, на собирот го изразија своето незадоволство поради, како што тврдат, „криминалните приватизации“ на овие фирми и нерешените статусни прашања. Ним им се придружија и голем број млади, главно невработени лица, кои се незадоволни поради непотизмот при вработувањата, како и членови на боречките организации и Фејсбук групата „50.000 луѓе на улиците за подобро утре“.

За време на немирите повредени се пет полицајци, од кои двајца потешко а оштетени се и повеќе службени и приватни возила.

 

Во овој момент насилствата се ставени под контрола, а и сообраќајот во градот се одвива непречено. Голем број припадници на полицијата се уште ја обезбедуваат зградата на Владата на Тузланскиот кантон.

05.02.2014 - 20:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега