Од утре задолжително електронско пријавување и одјавување здравствено осигурување

 

Сите фирми од утре задолжително ќе треба електронски да пријавуваат и одјавуваат здравствено осигурување преку веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова за МИА вели дека електронската услуга за фирмите е воведена во декември и тие пријавувањето и одјавувањето на вработените и нивните семејства, наместо во подрачните служби на Фондот, може да го прават од својата канцеларија за што треба да имаат овластено лице кое има активна електронска здравствена картичка и читач кој чини околу 600 денари.

- Во Македонија има 75.500 фирми од кои 70.000 се активни. Состојбата не е задоволителна бидејќи досега има 2.000 фирми кои доставиле овластување и кои почнале да ја користат оваа алатка. Тоа е мал процент во однос на 70.000 активни фирми. Сепак, има одредени градови каде податоците се охрабрувачки. На пример во Струмица повеќе од 20 проценти, а во Битола околу 12 проценти од фирмите веќе ја користат таа платформа, а другите градови заостануваат, вели Парнарџиева Змејкова за МИА.

Таа апелираше до сите фирми, во најскоро можно време да достават само едно овластување од свој вработен кој поседува електронска картичка, за да може да се регистрира на веб порталот на Фондот и потоа да не треба да доаѓаат во подрачните служби на ФОндот.

Сппоред Парнарџиева Змејкова, откако е воведена електронската услуга, одредени фирми веќе почнале да ја користат, додека други барале обуки и тие биле реализирани во јануари.

- Остануваме отворени доколку има потреба да ни се пријават на меил и ние врз основа на тоа креираме група и правиме кратка обука. Користењето на нашиот веб портал е многу едноставно. Значи треба една кратка обука за секоја фирма да почне да го користи. Оваа алатка е воспоставена само за нивно добро, за да не доаѓаат во подрачните служби на Фондот, за да си ја завршат пререгистрацијата или новото пријавување, вели Парнарџиева Змејкова за МИА.

Таа истакна дека во моментот имаат голема активност околу дистрибуирање на електронските здравствени картички и дека од 3. февруари почнува годишната пререгистрација на 220.000 граѓани во државата кои добиваат придонес платен од Министерството за здравство. За да ја добијат паричната помош, треба од 1 февруари до 1 април да дојдат во Фондот и да достават изјави дека имаат ниски приходи.

- Тоа значи дека во подрачните служби на Фондот во следниот период ќе имаме големи турканици заради потребите на осигурениците и затоа нашите шалтери кои досега беа на располагање на фирмите ќе ги редуцираме и ќе ги пренасочиме за осигурениците, а на фирмите практично сме им овозможиле електронска брза услуга без физички контакт со Фондот. Се надевам дека и овој повик ќе ги охрабри фирмите да дојдат побрзо да се регистрираат и да ги избегнат турканиците во подрачните служби, вели Парнарџиева Змејкова за МИА.

31.01.2014 - 09:49
Фото: 
А1Он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега