САД ги поддржуваат разговорите за името под мандатот на ОН
Не е местото на САД да го решаваат спорот за името, но ги поддржуваме разговорите кои се водат под мандатот на Обединетите нации, изјави Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, пренесува МИА.
Според Роудс, НАТО ќе се најде на агендата на Обама при неговата посета на Брисел следниот месец.
- Мислиме дека не е местото на САД да го разрешат ова прашање. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Обединетите нации и на пратеникот кој работи со двете земји да го решат прашањето. Крајната цел е да продолжат евро-атланските интеграции и поблиски врски во Jугоисточна Европа. Сметаме дека најдобар процес е процесот воден од ОН, тие имаат искуство, знаење и меѓународен легитимитет. Нашиот пристап во догледна иднина ќе биде да го поддржуваме пратеникот на ОН, со цел да продолжат евро-атланските интеграции, изјави Роудс, кој вчера пред странските дописници во Вашингтон ги претстави надворешно-политичките цели на претседателот Обама.
Тој најави дека состојбите во Европа ќе бидат меѓу приоритетите на Обама, кој планира повеќе посети почнувајќи од Брисел, каде меѓу другото ќе се разговара за модернизирање на НАТО сојузот, во пресрет на самитот кој Алијансата ќе го одржи во септември во Британија.
Изјавата на Роудс доаѓа бргу по заедничката изјава на сенаторите Џон Мекејн и Кристофер Марфи кои го поддржаа барањето на Македонија за прием во НАТО, меѓу другото и затоа што со проширувањето на Алијансата мора да се испрати порака и до земјите како Украина и Грузија. Роудс на вчерашниот брифинг изрази поддршка на САД за Украина, во барањето на нивните граѓани за интеграција со западните земји.
Во меѓувреме, втора година по ред, Македонија се најде во извештајот на Директоратот за национално разузнавање на САД, како потенцијална кризна точка во Европа. Според извештајот, колку повеќе се пролонгираат македонските интеграции во НАТО и ЕУ поради спорот со Грција и влошените билатерални односи со Бугарија, толку поголеми се ризиците од зголемување на етничките тензии Во извештајот се оценува дека Македонија се оддалечува од евро-атланските интеграции поради националните програми на македонската Влада. Како водечки проблем на Балканот е посочена Босна, а се предупредува и на подем на национализмот и радикалните политички партии во повеќе европски држави како Холандија и Франција, како последица на европската економска криза.
За претстојниот самит на НАТО, извештајот кој беше претставен од страна на директорот за национално разузнавање Џејмс Клапер, оценува дека самитот во Британија ќе биде можност да се зацврсти поентата на постоењето на НАТО, како и да се именува новиот генерален секретар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа