ГТЦ летово во барок
Летово ќе стартува реновирањето на фасадата во барок стил на Градскиот трговски центар, пишува Вест.
Иако градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски најавуваше дека нема да издаде градежна дозвола за доградба и за менување на фасадата, надлежните од ГТЦ тврдат дека ќе ги добијат потребните дозволи.
-Во моментов не сакам да навлегуваме во дебати со градоначалникот Андреј Жерновски. Можам да кажам само дека не постои никаква законска пречка да се доградува и обновува фасадата на ГТЦ", вели директорот на ГТЦ Аго Абазовски во изјава која ја пренесува Вест.
Тој информира дека изведбениот проект треба да биде завршен за шест месеци, потоа ќе биде избрана фирма која ќе ги изведува градежните работи и ќе стартува обновата на објектот.
-Колку ќе чини реконструкцијата, не можам да кажам во моментов. Во игра се неколку начини да се обезбедат пари. Дали тоа ќе биде преку финансиска помош од Владата или преку јавно-приватно партнерство, ќе одлучиме наскоро, вели Абазовски.
Реконструкцијата на ГТЦ нема да донесе повисоки цени на кириите, таа и понатаму ќе остане иста.
Идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов предвидува трговскиот центар целосно да се затвори и да се надгради за плус еден кат. На покривот ќе има три куполи, идентични со оние на Собранието, а ќе бидат поставени и скулптури. Влезовите ќе бидат со антички столбови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа