Бидете трпеливи додека се возите низ Скопје!
Во рамките на проектот за автоматизирано управување на сообраќајот, во наредните неколку дена ќе се врши калибрација на адаптивната контрола на сообраќајот, и тоа на:
- крстосниците по должината на булеварот Илинден, на потегот од крстосницата со булеварот Гоце Делчев (кај мостот „Гоце Делчев“) до крстосницата со улицата Љубљанска и на
- крстосниците по должината на булеварот Гоце Делчев, на потегот од крстосницата со улицата Филип Втори Македонски до крстосницата со улицата Беласица (кај скопското сајмиште).
Како што информираат од Град Скопје, калибрацијата е процес кој бара на овие крстосници да биде активиран адаптивниот начин на контрола на сообраќајот во зависност од сообраќајното оптоварување за да се увидат проблемите и да се дотераат параметрите за адаптивна контрола за најдобро да ги опслужува сообраќајните текови. Поради тоа, на посочените крстосници може да се појават одредени застои во движењето на возилата, како и нарушување на координацијата на семафорите, односно на зелените бранови.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање и да ги почитуваат светлосните сигнали.
Активностите за калибрација на адаптивната контрола на сообраќајот ги врши италијанската фирма МИЗАР која е изведувач на системот за управување на сообраќајот од проектот за автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа