Расте бројот на заболени од бронхитис и пневмонија во Македонија

 

Во Македонија се во пораст инфекциите на горни и на долни дишни патишта, воспалението на белите дробови и бронхитисот. Како што јавува Дневник, бројот на заболените особено е зголемен последниве денови.

- Зголемен е бројот на децата заболени од пневмонија и од бронхитис, особено последниве денови. Вчера, на пример, имавме 100 приеми на деца, кои моравме да ги згрижиме и тоа од доенчиња до деца на предучилишна возраст. Има влажна маса во воздухот, вирусите на грипот се присутни, а студеното време и аерозагадувањето ја влошуваат здравствената состојба кај најмладите, вели д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот за Дневник.

Тој ги советува родителите децата што помалку да се носат надвор и да не се изнесуваат на ниските температури.

- Децата треба да пијат повеќе течности, чаеви и природни сокови и да јадат разновидна храна, особено свежо овошје и зеленчук, за да им се зголеми имунитетот. Добро е што сега е и зимскиот распуст, инаку многу повеќе ќе се проширеа вирусните инфекции. Но голем проблем е што во градинките често одат и болни деца, кои инфекцијата им ја пренесуваат и на здравите, па апелираме овие предучилишни установи да примаат само здрави деца, никако болни – и само едно дете да е заразено, ќе ја прошири инфекцијата на други преку кашлање и кивање. А децата што прележале воспаление на белите дробови најдобро е во зима да не одат воопшто во градинка, зашто многу полесно може да се разболат, вели докторот.

15.01.2014 - 09:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега