Лустрирани уште седум лица за предметот „Ченто“

 

Комисијата за верификација на факти на денешната седница прогласи седум лица за прекршители на човековите права и слободи од идеолошко политички причини поврзани со предметот на Методија Андонов Ченто, прв претседател на президиумот на АСНОМ.

Според информациите од Комисијата, станува збор за три службени лица на ОЗНА, двајца јавни обвинители од кои едниот бил јавен обвинител на Македонија и двајца соработници на тогашната тајна служба. Според информациите кои лустрациска ги добила од Управата за водење на матични книги, едно лице од овие седуммина е живо.

Досега за предметот на Методија Андонов - Ченто се лустрирани 13 лица, но, според лустрациска, за овој предмет се вршат дополнителни проверки на повеќе лица.

Портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски за МИА изјавил дека Управниот суд, пред новогодишните празници потврдил уште шест одлуки на Лустрациска.

Со тоа  вкупниот број на потврдени одлуки на Комисија е седум. Љубомир Фишиќ, поранешен носител на јавна функција, советник на републичкиот секретар за внатрешни работи, беше лустриран за давање информации за лице обработувано од тајните служби под псевдонимот „Ѕвечарка“. Вториот е Славе Рајовски, кој беше кандидат за советник во Општина Чучер Сандево на последните локални избори, а фигурирал како соработник на тајните служби под псевдонимот „Теолог“, и работел со лица поврзани со српкиот радикализам, потоа Милован Стефановски, писател како поранешен член на Совет на радиодифузија, соработник под псевдоник „Превер“, кој  давал информации за лица од културата како Михаил Ренџов, Атанас Вангелов, Симон Дракул, Гане Тодорвски, Божин Павловски..., Исак Ајрули, поранешен советник во Општина Боговиње, соработник на тајните служби под псевдоним „Зенит“, кој бил ангажиран за лица осомничени за настапување од позиции на албански национализам и иредентизам, Зоран Јовановски, поранешен советник во Општина Росоман, кој работел под псевдонимот „Референт“, и бил ангажиран за лица осомничени за српски национализам и радикализам и Фередин Мифтари, заменик директор на Затворот Скопје, кој работел под псевдонимот „Кореограф“. 

Претседателот на лустрациска, Томе Аџиев во среда, кога е последниот работен ден на овој состав на Комисијата, ќе одржи прес-конференција на која ќе даде отчет за сработеното во изминатите пет години. 

13.01.2014 - 12:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега