Сведоштва на протераните од Егејска Македонија
Во Кинотеката на Македонија денеска ќе биде презентиран проектот „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“.
Свое обраќање на настанот ќе има министерката за култура Елизабета Канческа - Милеска, а премиерно ќе биде прикажан и долгометражниот документарен филм „Сведоци: Канада“, снимен во продукција на Кинотека на Македонија по сценарио и во режија на Атанас Чупоски.
Компилацискиот анкетно-биографски документарен филм на историска тема е втор дел од документарната трилогија „Сведоци“. Тој ја раскажува приказната за протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, видена низ очите на македонската емиграција во Канада. Во филмот дефилираат повеќе од седумдесетина соговорници.
Филмот е реализиран од интервјуата снимени во Канада во 2011 година, во рамките на владиниот проект со кој раководи Кинотека на Македонија: „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа