Баба од Штип го принудувала внукот да питачи во Дебар – поднесена кривична против неа и мајката
Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи лишиле од слобода жителка на Штип, која малолетниот внук го принудувала да питачи во Дебар.
-Вчера во 12.15 часот, полициски службеници, ја лишија од слобода Д.Д. (57) од Штип која претходно го присилила нејзиниот малолетен внук да питачи на главната улица „Елена Ѓика“ во Дебар. Во присуство на претставник од Центарот за социјални работи Дебар, адвокат за малолетничка деликвенција и на неговата мајка Н.М., со малолетникот е извршен разговор, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според него по консултација со јавен обвинител против Д.Д. и Н.М. ќе биде поднесена кривична пријава по член 201 од Кривичниот законик - „запуштање и малтретирање дете“.
Појавата на питачење по улиците на Дебар е честа појава, посебно пред и за време на верски празници, како и во летниот период кога во родниот крај масовно престојуваат печалбарите. Питачи, и деца и возрасни, најмногу се од Прилеп, Гостивар и Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа